В.д. претседателот на Барселона: Ако зависи од мене, би го продал Меси

од Nikola Popovski

Вршителот на должноста претседател на Барселона, Карлос Тускетс изјави дека ако зависи од него, тој би ја продал sвездата на тимот Лионел Меси на лето.

Шесткратниот освојувач на „Златната топка“ предизвика земјотрес кај каталонскиот гигант откако кон крајот на август објави дека сака да го напушти тимот, но на крајот беше принуден да остане од тогашниот претседател на Барса, Хозе Марија Бартомеу, наведувајќи ја откупната клаузула од 750 милиони евра.

„Од економска гледна точка, би го продал Меси на лето. И во однос на парите што ќе ги земевме и во смисла на намалување на буџетот за плати, тоа ќе биде добра опција. Но, тоа е нешто со што стручниот штаб треба да се согласи и тоа не е моја работа. Во моментов, Ла Лига подготвува ограничување на платата и тоа би помогнало во оваа борба“, прокоментирал Тускетс за радиото „РАЦ1“.

Тој додаде дека клубот ќе доцни со исплатата на плати во јануари.

„Тие имаат две исплати, една е во јануари, друга во јуни. Овој јануари нема да има ништо. Таа исплата ќе биде одложена“, открил Тускетс.

Новиот претседател на Барселона го очекува голема работа.

„Ќе има многу долгови и трошоци за наплата, поради тоа не сакаме да носиме нови играчи, со цел да не го зголемуваме долгот. Сакаме да работиме одговорно. За се понатаму ќе има разговори за време на следниот состанок на Бордот на клубот“, смета Тускетс.

Од моментот на заминување на поранешниот претседател Жозеп Марија Бартомеу многу се зборува и за пропаднатиот проект „Еспаи Барса“, кој требаше да биде финансиран од кредит вреден 800.000.000 евра земен од инвестициската банка „Голдман Сакс“. Клубот не може да ја промени намената на тој кредит сега, па тие пари ќе бидат искористени за средување на стадионот „Камп Ноу“ и изградба на помошниот стадион „Јохан Кројф“. За потсетување, проектот „Еспаи Барса“ беше адутот на Бартомеу за претседателската функција, бидејќи вети комплетно реновирање на стадионот, подигнување на уште еден прстен трибини и поставување на покрив, како и целосна модернизација на самиот објект, изградба на уште еден помошен стадион, нова сала за кошаркарите, но и комплетен тренинг комплекс кој би бил вистински мал град на Барселона во едно.

 

Слични содржини