Вајц: Македонија ја има мојата целосна поддршка на патот кон ЕУ, но потребна е итна политичка волја за уставните измени

„Владата да даде опипливи резултати во клучните области“, побарал европратеникот и известувач за Македонија во ЕП

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Фејсбук/Томас Вајц

Европратеникот и известувачот за Македонија во Европскиот парламент,Томас Вајц смета дека во земјава итно е потребна поголема политичка волја за надминување на моменталниот застој околу усвојувањето на уставните измени и внесувањето на бугарското малцинсто во Уставот. Како што ја пренесува изјавата „БГНЕС“, според него, во сите околности, процесот ќе остане заснован на заслуги и цврсто поврзан со напредокот во основните принципи, особено владеењето на правото.

Како што објавува бугарскиот медиум, Вајц ова го кажал во врска со нацрт-извештајот за Македонија за 2025 година кој ќе биде презентиран пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 26 февруари месецов. Амандманите можат да се предложат до 6 март.

Европратеникот за Македонија истакнал и дека „покрај некои позитивни случувања, останува недоволен напредокот во реформската агенда поврзана со ЕУ во клучните области како што се владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата“.

„Унапредувањето на реформите во владеењето на правото не е само од суштинско значење за приближување кон членството во ЕУ; тоа е исто така клучно за зајакнување на демократските институции кои ефикасно им служат на сите граѓани. Одржливиот пат кон членство во ЕУ зависи од обновата на јавната доверба преку решителни реформи во владеењето на правото, силни и независни медиуми, конструктивна меѓупартиска соработка и ефикасен парламентарен надзор. Постои итна потреба од поголема политичка волја за надминување на сегашниот застој околу усвојувањето на уставните измени. Во време на длабоки геополитички промени, Европа мора да застане заедно, рекол Вајц, пренесува „БГНЕС“.

„Северна Македонија ја има мојата целосна поддршка на нејзиниот пат кон ЕУ. Со нетрпение очекувам да изградам стабилно, конструктивно, проевропско, продемократско и проширувачко мнозинство за извештајот за време на претстојните преговори во Европскиот парламент“, додал тој.

Европратеникот навел и дека „не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради загриженост за можни понатамошни блокади на билатерална основа или барања од соседна земја“.

„Затоа е од суштинско значење сите политички засегнати страни во Северна Македонија, особено владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да го сфатат ова чувство на итност и без понатамошно одложување да почнат да испорачуваат опипливи, веродостојни и реални резултати во клучните области“, стои, меѓу другото, во изјавата на Вајц.

Пред 15-тина дена, Вајц беше во Скопје, а за тоа немаше никаква најава, при што јавноста дозна преку соопштение од Собранието дека тој се сретнал со раководството на ВЛЕН. Во наредните денови, беше соопштено дека Вајц се сретнал и со државниот врв и со лидерот на опозицијата. Се разговарало за актуелните политички состојби, реформските приоритети и следните чекори на патот кон полноправно членство во Европската унија, при што беше потенцирана потребата од одржување на реформскиот курс и силна политичка волја.