Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, австрискиот европратеник Томас Вајц на прес-конференција по усвојувањето на Извештајот за земјава за 2023 и 2024 година од страна на ЕП, посочи дека амандманите на првичната верзија на документот за признавање на македонскиот идентитет и јазик не биле грешка и потекнувале од четири групи во Европскиот парламент.
– Не мислам дека тие беа грешка, но во демократски процес се одлучи таа тема да не се вклучува во овој Извештај. Мислам дека тоа е демократска одлука што треба да се прифати и ја прифаќам, рече Вајц.
Тој нагласи дека Европската Унија е изградена врз принципите на помирување и добрососедски односи, а исто така и на признавање на злосторствата од минатото, што треба да се направи за потоа да се продолжи кон изградба на заедничка иднина.
– Мислам дека треба да се фокусираме на тоа. Сите земји од Западниот Балкан, сите земји од регионот, треба да се фокусираат на тоа за доброто на нашите граѓани, за подобар економски развој, за подобар општествен развој, а особено во сегашната геостратешка состојба, според мене, од најголема важност е да останеме сплотени и да ги здружиме силите во одбрана на нашите европски вредности во овој прилично непријателски глобален свет, рече Вајц, додавајќи дека ваквиот став тој им го пренесува и на неговите македонски и бугарски колеги.
Во однос на забелешките од некои бугарски европратеници за прекршување на парламентарните процедурите при подготовката на Извештајот, Вајц нагласи дека против него се води „масовна кампања на клевети“ која е апсолутно неоснована и дека тој целосно ги следел правилата на Европскиот парламент. Вајц истакна дека ова е Извештај на Европскиот парламент за земјава, па од таму како би можело да биде несоодветно да разговара со македонски претставници кога го пишува документот.
Тој додаде дека Извештајот содржи многу теми за различни области и дека во врска со него фокусот треба да биде на нив и на тоа каков е напредокот на земјата.
Вајц потсети дека ова е прв усвоен Извештај на ЕП за земјава од 2022 година и неговото одобрување со значајно двотретинско мнозинство претставува поттик за државата да продолжи напред кон ефективен почеток на пристапните преговори.