Вајгл: Симпатиите на европската политика се симетрични кон двете страни

од Vladimir Zorba
143 прегледи

Симпатиите на европската политика се симетрични – подеднакво ги има оние кои зборуваат дека владата може да се менува само на избори, и други, кои велат дека гласот на народот треба да се послуша, вели словенечкиот европратеник, известувач за Македонија, и посредник во преговорите за надминување на македонската криза, Иво Вајгл, во интервју за хрватски „Вечерњи лист“.вајгл

На прашањето дали се точни тврдењата изнесени во некои од медиумите дека во Брисел постои консензус оти Груевски мора да си оди, Вајгл одговара:
„Таков консензус не постои. Постои консензус да се истражат инкриминирачките изјави на снимките на функционерите, и дека оние за кои ќе се докаже оти сториле казнено дело треба да поднесат политичка и казнена одговорност’“.

Според европратеникот решенијата за кризата се бараат меѓу тоа дали е единствена опција оставка на Владата со предвремени избори или решението може да се бара во реконструкција на Владата.
„Но, важно е да сфатат дека ако пред летото не се дојде до решение на кризата, Македонија ќе остане без покана за почеток на преговори, а тоа е голем влог“, вели тој.

Вајгл одговара и на прашања поврзани со инцидентот во Куманово. Смета дека ситуацијата е сложена и настанот може да го расветли само независна истрага. Според него, постојат индиции дека нападот во Дивата населба има врска со радикалниот ислам.

„Некои од тие луѓе кои во Куманово учествуваа во очигледно многу професионалната терористичка ација, се бореле во Сирија и во Ирак, и тие знаат со која идеја дошле во Куманово. А тоа е џихадот и ширењето на европско тло на радикалниот ислам“, вели европратеникот, иако допушта и други мотиви да стојат зад нападот – „Голема Албанија или поврзаност со домашната политичка сцена, иако, тешко верувам дека кој и да е би бил подготвен да преземе одговорност за смртта на осум полицајци“.

За Вајгл нема сомнеж дека гаранција за стабилноста на регионот може да даде само членството во Европската унија и во НАТО.