Робин Ван Перси откри дека одбил да се врати во Манчестер Јунајтед. Тој добил понуда од новиот менаџер на „црвените ѓаволи“ Ерик тен Хаг да стане дел од неговиот тренерски штаб. Поранешниот напаѓач бил во искушение од можноста, но решил да остане и да работи како тренер во Феенорд, каде неговиот 15-годишен син игра во младинскиот тим.
Ван Перси изјави дека причината поради која не сака да се пресели во Англија е неговото семејство: „Мојот син и ќерка сега се најважни. Во Лондон, каде што играв за Арсенал, се преселивме пет пати. Потоа живеевме во Манчестер и Истанбул. Севкупно, во странство сме скоро 14 години. Кога размислувавме што е добро за децата сега, дојдовме до заклучок дека малку стабилност ќе биде позитивна“.
„Англија е прекрасна земја за живеење. Луѓето се топли и пријателски расположени. Од Ротердам е лет на 40 минути, но одите во сосема поинаков свет, многу убав свет. Сè уште мислам дека англиското првенство е најубавото на светот. Терените се зелени како билјард маси. Стадионите се големи и секогаш полни, а Англија дише фудбал“, сподели поранешниот напаѓач.