Ванчо Узунов и Пол Стабс: Реформата на социјалната заштита има позитивни ефекти, треба да се продолжи

од Nikola Popovski

Денеска, се одржа јавна презентација на анализата „Реформа на социјалната заштита во Северна Македонија од 2019 година: ефекти и одржливост“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и Асоцијација за инклузивен и одржлив развој (СИГА).

На настанот, учество зедоа авторите Д-р Пол Стабс и проф. д-р Ванчо Узунов кои ја презентираа анализата за влијанието на спроведените социјални реформи во земјава во 2019 година, долгорочната одржливост на реформите, како и можностите за подобрување и дефинирањето препораки за засегнатите институции и креаторите на политиките.

Во своето излагање, д-р Пол Стабс потенцираше дека социјалната реформа е една храбра реформа што направи позитивен исчекор за четири години со воведувањето на гарантираната минимална помош, кадешто растот е над 40% на бројот на домаќинства.

„Се постигна целта да се зголеми опфатот. Има многу повеќе луѓе кои ги користат придобивките на Гарантирана минимална помош отколку во претходниот систем на социјална парична помош“, рече д-р Стабс цитирајќи ја анализата.

Во голема мера е постигната и целта за постигнување на поголема ефикасност. Просечниот износ на трансфери за социјална помош се зголемил повеќе од дупло, од околу 3.000 денари пред реформата, на преку 7.000 денари по корисник по реформата.

Проф. д-р Ванчо Узунов истакна дека социјалната помош е исто толку важна, подеднакво и за богатите и за сиромашните граѓани, и тоа треба сите да го разбереме.

„Зголемен е бројот на луѓе кои се корисници, зголемена е и сумата на пари, помошта којашто ја добиваат. Подобрен е начинот како се дистрибуира целата таа помош, има многу позитивни ефекти. Во држава во 21 век ова треба да биде незапирлива задача. Имаме еден добар пример како после една добра реформа прави реална евалуација од тоа што е постигнато за да се види што понатаму. Ова беше една многу добра реформа на системот на социјална заштита од 2019 година. Потоа, се судри со проблемите на инфлацијата и претходно ковид пандемијата, што покажа дека реформата била флексибилна да ги ублажи последиците“, посочи Узунов.

Во анализата, се вели дека во претходните влади, Министерството за труд и социјална политика често се сметал за маргинален дел од Владата, а сега станал клучниот чинител за поширокиот реформски профил на новата Влада. Во времето на десничарската влада на ВМРО-ДПМНЕ, креирањето на социјалната политика беше, до одреден степен, инструмент кој се користеше за изборни цели, и промените кои се спроведуваа имаа за цел повеќе да обезбедат гласачи отколку да се задоволат потребите. Но, со победата на изборите на коалицијата предводена од СДСМ во мај 2017 година и назначувањето за Мила Царовска како министерка за труд и социјална политика и Драган Тевдовски за министер за финансии се создаде политички моментум за реформи, кадешто станале неговите предводници.

Во наредниот период, анализата ќе биде достапна на веб-страницата на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје.

Слични содржини