Повторно е оштетен и вандализиран манастирот во Матејче, информираа денеска од Кумановско-осоговската епархија. Од СВР Куманово го потврдија случајот.
-Вчера во СВР Куманово било пријавено дека во манастирот во село Матејче, општина Липково, било влезено со употреба на сила, била оштетена црквата и биле одземени повеќе предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти СВР Куманово.
Од Кумановско-осоговската епархија информираат дека е провалено во манастирот, сторителот(те) копале по подот во манастирската црква и го украле оловниот лим од централната купола на манастирската црква Пресвета Богородица во Матејче. Случајот го забележал член на црковниот одбор на манастирот.
-Како сопственици на заштитено културно добро, ја известуваме јавноста дека врз заштитеното културно добро ‒ манастирот Пресвета Богородица, село Матејче, Општина Липково, Куманово, од страна на непознат сторител во месец март 2025 година е извршен неовластен упад во црковен имот во Манастирот Пресвета Богородица с. Матејче. Упадот е извршен со провалување во затворените простории на манастирската црква. Извршено е копање на подот на манастирската црква, кој е целосно раскопан, и извршен е ископ на голема количина на земја, при што се извадени и осквернавени посмртните останки на порано погребани лица на ова место. Исто така е причинета значителна материјална штета и кражба на оловен лим од централната купола на манастирската црква, информираа од епархијата.