Вархеји: ЕК е подготвена за каков било предлог за проширување на ЕУ

од Radmila Tasevska
268 прегледи

Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји денеска во Шпанија изјави дека ја поздравува подготвеноста на Европскиот совет „конечно да се ангажира и да направи голем чекор напред“ за да се оствари проширувањето на Европска Унија.

– Европската комисија отсекогаш била подготвена да даде каков било предлог што ќе не доведе до проширување на ЕУ во 2030 година, изјави Вархеји во Толедо, каде што се одржува неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Вархеји, коментирајќи ја овонеделната изјава на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дека ЕУ треба да биде подготвена за проширување до 2030 година, истакна дека „не мисли дека станува збор за датумот“, туку дека „тоа е повеќе прашање на волја и прашање на испорака“, односно спроведување на потребните реформи.

– Мислам дека тоа е повеќе прашање на волја и прашање на испорака, и испорака на страната на ЕУ и испорака на страната на нашите партнерски земји од Западен Балкан или другите три земји кандидати за членство (Украина, Молдавија, Турција), посочи Вархеји.

Тој додаде дека ЕК е „подготвена да даде каков било предлог“ за да се постигне тоа и тоа ќе се види „уште во октомври“.

– Во октомври планираме да претставиме суштински предлози, вклучувајќи го и Планот за раст, кој нашата претседателка (Урсула фон дер Лајен) веќе го претстави во Братислава. Ова не само што ќе ја забрза институционалната, туку и вистинската интеграција. Вистинската интеграција на луѓето и економијата во ЕУ, наведе еврокомесарот за проширување на ЕУ.

Запрашан која од земјите кандидати е најблиску до влез во ЕУ, Вархеји истакна дека „најблиску се оние кои први испорачуваат“.

– Би ги охрабрил сите да си ја забрзаат работата. Мислам дека сега сите имаат се и се ќе имаат на маса од октомври, па се надевам дека не само еден ќе биде заинтересиран за оваа европска понуда, туку сите, наведе Вархеји.

Слични содржини