Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, презентирајќи ги извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан и Турција пред европратениците рече дека бугарскиот европратеник Андреј Ковaчев му е таен помошник и ќе продолжи да работи со него во обид да се надмине блокадата на Македонија за почнување на пристапните преговори со ЕУ.
Еврокомесарот додаде дека целта е зеленото светло за Скопје и Тирана да се добие до декември најдоцна, но потсети дека одлуката им припаѓа на земјите-членки на ЕУ.
– Не сум тој што гласа за ова, јас сум тој што се обидува да ги убеди да гласаат за ова, толку можам да споделам со вас, но ќе продолжам да се ангажирам, како што знае и европратеникот Андреј Ковачев, кој беше еден вид таен помошник во унапредувањето на работите, не сакам да дадам детали но работиме, изјави Вархеји.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, изјави дека работи до декември да се одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија заедно со Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Запрашан од бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, дали прифаќа одвојување на Северна Македонија и Албанија за почетокот на преговорите за членство, еврокомесарот одговори негативно.
-Мислам дека е јасно дека двете земји ги исполнија условите и сакаме договор за двете земји, тоа е ставот на повеќе од мнозинството земји членки на ЕУ, во овој момент можеме и треба да ги разгледуваме заедно, изјави еврокомесарот Вархеји.