Угледниот американски дневен весник „Вашингтон пост“ ја сподели информацијата за смртта на српскиот пејач Ѓеорѓе Балашевиќ, кој почина денес од последиците од коронавирусот на 67-годишна возраст.
Како што се наведува, Балашевиќ бил примен во болницата во Нови Сад пред три дена, боледувал од пневмонија, што се чини дека било компликација на КОВИД-19.
– Балашевиќ ја започна својата кариера кон крајот на 1970-тите и раните 1980-ти, најпрво настапувајќи во бендови, пред да стане солист со неговата мека поп музика и духовит текст. Кога Југославија се распадна во етничката војна од раните 90-ти, Балашевиќ отворено се спротивстави на национализмот што го разгоре конфликтот. Поради неговите ставови, главните медиуми во Србија го избегнуваа Балашевиќ за време на војната – проценува „Вашингтон пост“.
– Тој остана омилен ширум етнички поделениот Балкан и по војните, полнејќи концертни сали во сите земји од шесте поранешни југословенски републики, пишува весникот.