Вашингтон 2024

од desk2
177 прегледи

Македонија е во финалната пост-дијагнозна фаза на освестување во сопствените заблуди и потреба за отстранување на дивото месо на Груевизмот и Ахметивизмот од сопствените национални телa.

Колумна на Арсим Зеколи

Постарите паметат дека во периодот на осумдесеттите и раните деведесетти години на минатиот век, весниците на албански јазик во поранешна Југославија често ја именуваа Македонија како лабораторија на експерименти кои првично се применуваа или тестираа врз овдешните Албанци, за потоа да бидат применувани во Косово, Црна Гора, Прешево и други подрачја на Федерацијата. Во своите елаборации, тогашните новинари и интелектуалци како илустрација ги земаа политиките на тогашното комунистичко водство во Скопје по прашања на образованието, културата, наталитетот, идео-политичката диференцијација, фаворизирање на религијата на сметка на етничките чувства, забрана за именувања на деца или институции со национални имиња, контрола на економските текови итн. Во рамките на таквата претстава, оценката секогаш беше дека иако политиките беспоговорно послушно се изведуваа од страна на водството во Скопје, самата политика и методи на нивна имплементација се смислуваа од страна на Белград и тамошните политички, безбедносни и интелектуални кружоци.
Потсетувањето за овој досега недоволно истражен и неславен дел на нашето блиско минато уследи по се погласните споредбени квалификации за подударностите и сличностите помеѓу подемот на автократизмот, популизмот и ксенофобијата на Западот, обоени во сатурирани бои на гнев, бес и омраза. Победата на Доналд Трамп даде уште повеќе причини за цртање паралели со сегашниот автократски режим на Никола Груевски со можните правци на понатамошен развој на политиките во САД. Дотолку повеќе што дури и престижниот Foreign Affairs во својот напис за авторитаризмот на Груевски (12 јануари 2017) ќе забележи дека токму „примерот на Македонија нуди увид во можните правци по кои Трампизмот ќе се движи понатаму”. Непобараната „чест” со која списанието – сред толку други примери – ја избра токму Македонија како илустративна и алармантно поучна препорака за либералите во Америка, секако е доволна причина за замислување и промисла дали е можно Македонија повторно да била искористена за тестирање на макро-глобални стратегии низ микро-локални политики?
Посткомунистичко препакување
На прва рака, неодоливо е чувството за беспоговорна потврдност на таквата можност. Пред се поради сличностите во пропорционалните параметри на етничките статистики, историските динамики на меѓу-религиски односи и цивилизациски премрежија, политички трвења помеѓу конзервативните и либералните струења, идентитетските двоумења помеѓу melting pot претопувања и традиционалистички анахронизми итн. Во прилог на таквата констатација одат и пристапите на американската дипломатија и политика која во Македонија – на често препоедноставен начин – гледаа како на можност во која ќе ги пресликаат сопствените искуства. Без премногу размислувања или предострожности дека во склоп на таквите прресликувања на позитивните искуства, неизбежно е да се пренесат и некои негативни карактеристики на американското совремие.
Како составен дел на таквите – да повторам, недоволно проучени – сомнежи за користење на Македонија како полигон за политички и идеолошки тестирања, можат да се наведат и приодите на дел од овдешните американски, европски и источни претставништва, пред се дипломатски, но посебно оние со идеолошки, образовни и други програми на делување. И посебно, често збунувачките методите и мотиви за селекција на соработници и финансирање на проекти и истражувања, кои редовно побудуваат зајадливи коментари и (не)оправдани сомнежи во општеството. За жал, склоноста на превземање на ликови и политики од овдешните моно-идеолошки мината и нивно препакување во нови демократски, капиталистички одори уште повеќе ја засилуваа резервата дека промените се само козметички интервенции во кои осамостојувањето на Македонија не подразбира и отфрлање на нејзината пост-комунистичка и ново-капиталистичка употреба како тест-терен за политички и општествени инжењеринзи. Но сега со поширок радиус на влијание.
Но колку и таквите заклучоци и сомнежи да се тетерават на граница помеѓу типични теории на заговор и реалните последици на современите интеракции помеѓу локалното и глобалното, едно е сосема несомнено. Следењато на настаните во Америка под Трамп во очите на овдешните граѓани често наликува на читање на анамнезата на сопственото минато и мачно потсетување за подемот на владеењето на Груевски и Ахмети кои Македонија ја доведоа до сегашната состојба на сеопшта криза на која не и се насетува крај. Единствената утеха – завиена во горчина – е таа што, ете, дамнешната потреба за третирање на Македонија како папок на светот, на крај се потврди. И никого не израдува.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини