Поради безбедносна закана, полицијата за кратко го блокираше Капитол. Сепак, се покажа дека станува збор за пожар во близина на комплексот и нема опасност за луѓето во околината, пренесува Би-Би-Си. Сепак, пробата за инаугурацијата на Бајден беше запрена.
Тоа се случува помалку од две недели по нападот во Капитол, во кој загинаа пет лица и два дена пред новоизбраниот претседател Џо Бајден да стапи на должност, претворајќи го центарот на градот во вооружена полициска зона.
Официјални претставници на американската одбрана се загрижени за внатрешен напад или друга закана од официјални лица вклучени во инаугурацијата на новоизбраниот претседател Бајден во среда, пишува Гардијан.
Бајден ќе повика на единство додека САД се подготвуваат за насилство од приврзаниците на Трамп.
Центарот на Вашингтон останува најзаштитеното место во земјата со контролни пунктови, воени единици и двометарски огради. За да се обезбеди безбедност за време на церемонијата, се очекува повеќе војници да пристигнат во главниот град, достигнувајќи околу 25.000 на денот на инаугурацијата.
Резервациите во хотели и друго сместување се забранети, а 13 постојки во метро ќе бидат затворени.
Поради коронавирусот, местата на 20 јануари ќе бидат многу ограничени – наместо вообичаените 200.000, овој пат ќе бидат само 1.000.
По заклетвата, од Бајден се очекува да издаде извршни наредби за укинување на забраните за патување на претседателот Доналд Трамп и повторно да се приклучи на Договорот за климата во Париз.