Контроверзниот гасовод „Северен тек 2“ меѓу Русија и Германија, погоден од мерките по руската инвазија на Украина, е „мртов“ и нема да може да „оживее“, тврди високата американска функционерка Викторија Нуланд, пренесе Хина.
„Мислам дека Северен тек 2 е мртов сега… Тоа е големо парче метал на дното на морето и мислам дека нема да може да оживее“, рече Нуланд на парламентарното сослушување. Таа, исто така, смета дека гасоводот никогаш нема да биде пуштен во употреба.
Соединетите Држави долго време се противат на гасоводот, за кој се залагаа Русија и Германија, велејќи дека тој го зајакнува капацитетот на Москва да го користи снабдувањето со енергија на Европа како геополитичко оружје.
Со оглед на тоа дека проектот е речиси целосно завршен, а со цел да се избегнат конфронтации со Берлин, американскиот претседател Џо Бајден се откажа од санкциите против неговите главни оператори во 2021 година.
Веднаш по руската инвазија на Украина на 24 февруари, Германија во координација со САД го суспендираше „Северен тек 2“, кој сè уште не започнал со работа.
Потоа, германско-рускиот оператор со седиште во Швајцарија ги отпушти сите 106 вработени.