Ватикан ќе го испрати говорот на папата во вселената

од Stefanija Kuzmanovska
151 прегледи

Ватикан во понеделникот објави дека има намера да испрати во вселената минијатуризирана дигитална книга со пораката за надеж која папата Франциск ја испрати во 2020 година среде пандемијата на ковид-19, пренесува „Хина“.

„Нано-книгата“ ќе биде лансирана во орбитата на височина од 525 километри со ракета на SpaceX Falcon 9 која ќе полета на 10 јуни од аеродромот Ванденберг во Калифорнија, соопшти Светата столица на прес-конференција во Рим.

Микро-гравираниот електронски дел од едвај 2 мм ќе биде поставен на правоаголен сателит од околу триесет сантиметри (CubeSat) опремен со соларни панели, а го дизајнираа студенти на Политехничкото училиште во Торино.

На него ќе биде говорот што го одржа папата Франциск на 27 март 2020 година во екот на пандемијата на коронавирусот.

Тој ден, поглаварот на Католичката црква се појави сам на напуштениот и натопен од дожд плоштад Свети Петар, повикувајќи го „уплашениот и изгубен“ свет да ги преиспита своите приоритети.

Наречен „Spei Satelles“ (сателит на надежта) на латински, проектот, чиј буџет не е прецизиран, заеднички ќе го спроведуваат Ватикан, Италијанската вселенска агенција и разни италијански институти.

Целта на нивната соработка е да го испратат говорот на папата „надвор од земните граници за да може од вселената да допре до што е можно повеќе жени и мажи на нашата планета во тешкотии“, објасни претседателот на Вселенската агенција, Италијанецот Џорџо Сакоча.

Слични содржини