Папата Франциск, кој е во критична состојба и се бори со билатерална пневмонија, помина мирна ноќ во болница, објави во средата Ватикан. 88-годишниот папа го поминува својот 13-ти ден во римската болница Гемели, што е најдолг престој во болница во неговото речиси 12-годишно папство. „Папата помина мирна ноќ и се одмара“, се вели во соопштението од Ватикан во една реченица во кое не се дадени детали.
Ватикан во вторникот објави дека папата четврти ден по ред е во критична состојба, но стабилна и без дополнителни респираторни кризи. Прогнозата на Папата, објавена во вторникот, останува неизвесна.
„Неговите хемодинамски параметри, мерка за функционирањето на циркулаторниот систем на неговото тело, се исто така „стабилни“, соопшти Ватикан.
Билатералната пневмонија е сериозна инфекција на двата бели дробови која може да остави лузни, што го отежнува дишењето. Ватикан соопшти дека инфекцијата на папата била „комплексна“ и предизвикана од два или повеќе микроорганизми. Франциск, кој е папа од 2013 година, претрпе неколку епизоди на лошо здравје во последните две години.
Тој е склон кон инфекции на белите дробови бидејќи кога бил млад заболел од плеврит и му бил отстранет дел од едното белодробно крило. Дополнителни вести за состојбата на папата се очекуваат вечерва.