Вечерва „Чудо’ премиерно во „Јадро“

од Aneta Risteska
8 прегледи

Tеатарска претстава за млади – „Чудо“ премиерно ќе биде изведена вечер во Културниот центар „Јадро“ со почеток од 20 часот. Претставата ќе биде изведена и утревечер, во ист термин.

Текстот и режијата се на Хана Миленковска, а во екипата се младите актери: Мартина Даниловска, Наум Ѓорѓиески, Ангела Пејковска, Димитар Паскоски. Оригиналната музика е на Ади Имери. Продукцијата на претставата е на „Кома дизајн студио“ (Кома десигн студио).

Според организаторите, целта на претставата е да се занимава со актуелни проблеми на младите луѓе од овој, како што наведува, „геополитички контекст, врзани со род, социјален статус, недостиг на конструктивна поддршка од системот и родителите, како и неможност да се потпрат на никој освен на своите врсници за одредени прашања“.

– Младите денес сѐ уште се соочуваат со недостиг на слух од образовниот систем, површно третирање на суштински проблеми, како врсничко насилство и родова и дискриминација по основ на сексуална ориентација. Покрај тоа, не постои формално сексуално образование, како и конзистентна и бесплатна поддршка за проблемите со менталното здравје, што за жал во ова доба се доста присутни, или веројатно поради доволно информации сме посвесни за нив сега од кога било, се истакнува во соопштението.

Eдна од главните тези, како што се додава, е дека сите сме ограничени од сопствените животни искуства и дека начинот на што бараме и нудиме помош на околината, зависи од тоа како ни се формирале тие концепти за време на развојот.

– Оваа претстава има за цел да нѐ потсети сите на фактот дека сме заедница, притоа поставувајќи ги прашањата што нѐ спречуваат да се поврземе. Оваа претстава е дел од кампањата „Биди чудо од девојка“, во рамки на проектот „Еднакви можности за девојките и младите жени во Северна Македонија“, што го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и „Мрежа Стела“, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје, се додава во соопштението.

Слични содржини