Велев од Сојуз за дијабетичари: Презадоволен сум од средбата со министерот за здравство Меџити

од Vladimir Zorba
202 прегледи

Димче Велев, претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, по средбата во Министерството за здравство истакна дека е задоволен од сѐ што било кажано и ветено.

„Протест вечер ќе има, но од денешната средба со министерот за здравство Фатмир Меџити сум презадоволен. Но, очекувам сѐ што беше кажано и ветено на средбата, да го добијам во писмена форма и со потпис од министерот“, изјави тој.

Потврди дека лицата со дијабетес вечер ќе протестираат пред Министерството за здравство, но не ја отфрли можноста за, како што рече, „протестот да премине во прослава“. Тој посочи дека доколку се реализира сѐ што било кажано на средбата, тогаш нивните основни барања ќе бидат остварени.

„Му кажавме на министерот дека дојдовме да разговараме за аптеките да бидат полни и снабдени за секој пациент што ќе дојде да си го земе тоа што му треба. Нашиот протест е за тоа, не е за друго. Нашиот протест не е со политички барања, не е со флоскули, туку е реален живот, за здравјето на граѓаните“, додаде Велев.

Министерството за здравство побара разбирање од пациентите за оваа состојба која вети дека во брзо време ќе биде надмината, а министерот Фатмир Меџити истакна дека по преземање на функцијата максимално ќе се заложи ваквите застои во набавките повеќе никогаш да не бидат случај.

Слични содржини