Велика Британија ќе распореди противракетен одбранбен систем во Полска, членка на НАТО, како одговор на руската инвазија на Украина, изјави денеска министерот за одбрана Бен Валас.
За време на посетата на полската престолнина Варшава, Валас изјави дека Велика Британија ќе испрати противвоздушен ракетен систем и околу 100 војници во Полска.
„Се обидуваме да застанеме покрај Полска во заштитата на нејзиниот воздушен простор од каква било понатамошна руска агресија“, рече тој.
Одлуката доаѓа неколку дена откако руски проектили ја погодија украинската воена база во Јаворив на само неколку километри од полската граница и откако речиси 2 милиони од над 3 милиони бегалци во земјата пристигнаа во Полска.
„Како сојузник на НАТО и долгогодишен пријател, многу е правилно што Британија стои на страната на Полска, бидејќи Полска го носи голем дел од товарот на последиците од оваа војна и е исправна и храбра во спротивставувањето на заканите од Русија“, рече Валас.
Претходно денеска српската радио-телевизија објави дека војната во Украина предизвикала вистинска потера по системите С-300. „Ракетите С-300 веќе се во Украина“, тврди конгресменот Мајкл Мекол.
Американските власти бараат начин да им набават ракети за противвоздушниот систем С-300 на Украинците, но како и во случајот со полските „мигови-29“, исполнувањето на новите барања на Киев изгледа покомплицирано отколку на почетокот.
Помалку од 48 часа по барањето на Киев да испорача ракети за противвоздушните системи С-300 на украинските сили што е можно поскоро, американските власти се обидуваат да ги убедат членките на НАТО да и ги дадат на Украина преостанатите ракети од нивниот арсенал, пренесува РТС, цитирајќи американски медиуми.