Германските и весниците на германски јазик продолжуваат внимателно да ја следат кризата во Македонија. Тие денеска пред сѐ се осврнуваат на „одмерувањето на силите“ меѓу власта и опозицијата преку масовните собири.
„Кога една земја во Југоисточна Европа помала од Белгија и со само 2,1 милионa жители, предизвикува внимание во Вашингтон и дури дава повод за официјална изјава на владата на САД, тогаш изгледа дека е потребно внимателно да се разгледа ситуацијата. Во овој случај станува збор за Поранешната Југословенска Република Македонија. Политичката криза во балканската земја предизвикува загриженост и кај американската влада, изјави портпаролот на Стејт Департментот, Џеф Ратке“, го започнува текстот посветен на македонската политичка криза, германскиот весник „Велт“. Во продолжение на статијата со наслов „Масовните протести во Македонија предизвикаа нервоза дури и во Вашингтон“ весникот ги пренесува пораките на Ратке до власта и до опозицијата во Скопје за мерките кои е пожелно да ги преземат за надминување на кризата која „ предизвикува загриженост во Вашингтон“.
Од другастрана пишува „Велт“ : „Судирот веќе одамна има одек во целиот регион. Владите на Косово и на Албанија се под внатрешно политички притисок да се борат за албанското прашање во Македонија. Алармиран е и Берлин. Претседателот на германско-македонското друштво и поранешен државен секретар во германското министерство за одбрана, Валтер Колбо предупредува од ескалација на насилството во Македонија. ‘Лесно може да избувне пожар’ вели Колбо за весникот Сарбрикер цајтунг…“ Според Колбо истотака постојат назнаки дека Русија по Украина сака да се позиционира и во Македонија, пишува „Велт“, кој уште истакнува дека „спорниот македонски премиер поддршка добива и од соседна Србија“. Весникот притоа се осврнува на бројните написи во српските медиуми во кои ,како што истакнува, „се шират вистински хорор сценарија“ за хаос и можна војна во Македонија и на Балканот: „ Виновниците се веќе пронајдени: зад кризата и немирите во Македонија стојат ЕУ и САД, сложни се дневните весници и неделниците во Србија. Тогаш насловите гласат ‘ЕУ ја турка Македонија во граѓанска војна’“, завршува текстот во „Велт“.
Превод на македонски: Дојче веле
