Венеција подготвува систем за резервации за еднодневни патувања

од Vladimir Zorba
258 прегледи

Венеција планира да воведе систем за пробна резервација за еднодневни посети на центарот на градот за да се намали пренатрупаноста во време кога посетителите се враќаат во италијанскиот град по пандемијата.

Целта на системот за платена резервација не е да го ограничи бројот на туристи во историскиот центар, туку да поттикне некои посетители да го посетат градот во помалку популарен период од годината, кога цената на резервациите ќе биде пониска.

– Ќе започнеме со експерименталната фаза во која резервациите нема да бидат задолжителни, туку опционални и ќе бидат бесплатни – изјави венецијанскиот претставник задолжен за туризам, Симоне Вентурини.

– На посетителите кои доаѓаат на еднодневни патувања ќе им биде понудено да се пријават однапред за резервации со стимулации, како што се попусти на билети за музеј – рече Вентурини.

Датумот на стапување во сила на новиот систем ќе биде објавен во наредните недели. Системот, на кој се работи со години, ќе стане задолжителен во 2023 година, кога посетителите на еднодневни патувања ќе треба да плаќаат надомест од три до десет евра, во зависност од периодот во кој го посетуваат центарот на градот.

Посетителите кои ќе преноќат во Венеција и веќе ја плаќаат таканаречената туристичка такса, нема да мора да плаќаат резервација.

Животот во многу популарниот „град на вода“ полека се враќа во состојбата во која беше пред пандемијата, кога гондолите исчезнаа од Големиот Канал откако исчезнаа и туристите.

– Годинешните велигденски празници привлекоа огромен број посетители, од кои 100.000 ноќеваа во градот, а 40.000 пристигнаа за само неколку часа да и се восхитуваат на базиликата Св. Марко или на Мостот на воздишките – изјави Вентурини.

Огромниот број посетители значат и долги редици луѓе кои чекаат да се возат со венецијанските „вапорети“ или пред музејот, но и двојни резервации за хотели. Одамна е познато дека многу туристи им го загорчуваат животот на малиот број локални жители кои сè уште живеат во историскиот центар.

Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро рече дека системот за резервации е „вистинскиот начин да се има порамномерно управување со туризмот“.

„Ќе бидеме првите во светот што ќе го спроведеме овој експеримент“, напиша тој на Твитер.

Откако резервациите ќе станат задолжителни, влезот на посетителите во центарот на градот ќе се контролира на автобуските и железничките станици, двете главни точки каде туристите пристигнуваат во градот, пренесе Хина.

Слични содржини