Венко Крстевски, преживеан од пожарот во Кочани: Денеска изгорела дискотека, утре ќе горат градинки и школи, ако продолжи вака

од Milan1
5,7K прегледи

Младите вчера според мене на симболичен начин ги изразија својот гнев за се она што се случува во државата. Тие вчера каменуваа дивоградба во центарот на градот. Полно е дивоградби и младите се револтирани, изјави на денешниот граѓанскиот собир во Кочани, Венко Крстевски независен советник во општината но и човек кој ја преживеал трагедијата во запалената дискотека „Пулс“.

Вели дека во центарот на градот Кочани има и други дивоградби каква што била и „Пулс“.

„Кој е крив за тоа? Општината, министерот за внатрешни работи. Мора со име и презиме да се каже секој кој носи титула и секој кој е крив. Ние кои преживеавме од дискотеката, ако останеме овде, ќе продолжиме да гинеме. Гинеме од нечист воздух, гинеме од несериозни институции, гинеме од корупција, гинеме од секаков вид на нефункционалност што ги го приредуваат самите носители на тие институции. Не може одговорноста да се сведува на луѓето кои се обезбедување, на тој што продава карти, значи срамота е. Денеска изгорела дискотека, утре ќе горат градинки и школи, ако продолжи вака. За да го смениме системот мора да ги смениме луѓето кои се во него“,  рече Крстевски.

Во Паркот на Револуцијата во Кочани вечерва се одржаа два собира на кои присуствуваа голем број граѓани и роднини на настраданите во трагичниот пожар. Првиот собир, под мотото „Слобода за нашите херои“, се фокусираше на барањето за ослободување на притворените лица од обезбедувањето во дискотеката, кои учествувале во спасувањето на повредените. Вториот собир, предводен од митрополитот брегалнички Иларион, беше посветен на молитва за спокој на душите на загинатите и побрзо оздравување на повредените.

На собирот „Слобода за нашите херои“, беше побарано ослободување на притворените лица од обезбедувањето во дискотеката, кои учествувале во извлекувањето и спасувањето на повредените од огнената стихија.

Слични содржини