Венс ја обвини Камала Харис дека „лажела“ за менталните способности на Бајден

од Илинка Илиоска
29 прегледи

Републиканскиот кандидат за потпретседател на САД, Џеј-Ди Венс, денеска ја обвини потпретседателката на САД, Камала Харис дека „лажела“ за менталните способности на американскиот претседател Џозеф Бајден. Венс тврди дека Харис лажела речиси четири години за менталните способности на Бајден, „оптоварувајќи ја нацијата со претседател кој не може да ја заврши работата“.

„Џо Бајден беше најлошиот претседател во мојот живот и Камала Харис беше таму со него на секој чекор од патот. Во последните четири години таа ја поддржуваше политиката на Бајден за отворени граници“, рече Венс, пренесе Си-Ен-Ен. Венс на Платформа Х напиша дека републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп е подготвен да ја спаси Америка, кои и да се демократските кандидати.

Пред објавата на Бајден дека се повлекува од кампањата за реизбор, Венс тврдеше дека претседателот треба да поднесе оставка доколку се повлече од трката за изборите на 5 ноември. Бајден претходно денеска се повлече од кампањата за реизбор на 5 ноември претседателски избори.

Во писмото за платформата Х, Бајден рече дека верува оти е во најдобар интерес на неговата партија и земја да се повлече и да се фокусира само на исполнување на неговите должности како претседател до крајот на неговиот мандат.

Бајден рече и дека ја поддржува американската потпретседателка Камала Харис како демократска кандидатка на претседателските избори, каде таа ќе се спротивстави на републиканскиот кандидат Доналд Трамп, пренесува Танјуг.

 

Слични содржини