„Verne“ во соработка со компанијата VGP започнува со изградба на фабрика за големо производство на автономни електрични возила. Фабриката ќе биде лоцирана во Загреб, во Лучко, во рамките на VGP Park Zagreb, на површина од 28.500 метри квадратни. Сите возила на „Verne“ ќе се произведуваат во Хрватска и ќе се извезуваат од тука низ целиот свет. Компанијата на Мате РИмац, која неодамна го претстави својот иновативен екосистем на урбана автономна мобилност, почнува да гради објект каков што досега не бил виден во Хрватска.
Производниот капацитет за „Verne“ ќе го гради белгиската компанија VGP што е нејзина прва инвестиција во Хрватска. VGP е европски снабдувач на висококвалитетна логистика и недвижности во лесната индустрија.
„Најдовме идеална локација и вистински партнер за изградба на нашата прва автономна фабрика за производство на возила во Загреб. Тука ќе се произведуваат сите возила на „Verne“. Во Хрватска ќе се произведуваат возила за сите пазари, со што нашата земја ќе добие клучна улога во модерната автомобилска индустрија. На самиот почеток ќе се произведуваат неколку стотици возила, а потоа фабриката ќе може да произведува и до 10 илјади возила годишно. Обемот на производство ќе се зголемува со текот на времето, следејќи ја динамиката на проектот. Изградбата на овој производствен капацитет за големо производство претставува клучен чекор за нашиот проект, но и за целата држава. Ќе отвориме бројни висококвалитетни работни места и на тој начин ќе ја привлечеме и задржиме работната сила во Хрватска – посочува Марко Пејковиќ, извршен директор на „Verne“.
Фабриката ќе користи напредна технологија за производство, склопување и тестирање на автономните возила „Verne“. Неговата реализација ќе донесе бројни придобивки за Хрватска и претставува значителен напредок кон дигиталните и зелените технологии.
„За нас е голема чест да придонесеме за овој револуционерен проект со изградба на нови капацитети за развој и производство во рамките на нашиот VGP Park Zagreb. Развојот на овој технолошки напреден објект ја одразува нашата посветеност на иновациите, одржливоста и реиндустријализацијата на Европа. Со нашето стручно техничко искуство, со нетрпение очекуваме да придонесеме за реализација на висококвалитетна фабрика за „Verne“, со што ќе се отвориме за паметна и одржлива мобилност – изјави Јан Ван Гит, извршен директор на VGP.
Подготовките за изградба се веќе започнати, а градежните работи се очекува да започнат кон крајот на летово. Фабриката ќе биде завршена и опремена во текот на 2025 година, додека работите ќе започнат на почетокот на 2026 година.
VGP е паневропска компанија која се занимава со градежништво и менаџмент и е сопственик на недвижен имот од областа на логистиката и висококвалитетното полуиндустриско производство. Компанијата VGP применува целосно интегриран бизнис модел, со помош на капацитет и долгорочно професионално искуство долж целиот синџир на вредност. Основана во 1998 година во Белгија како семејна компанија фокусирана на проекти за развој на недвижности во Чешка, денес има околу 368 вработени со полно работно време во 17 европски земји.