Версиус – малиот робот кој оперира со минимален пристап беше презентиран во „Жан Митрев“

од Nikola Popovski
42 прегледи

Версиус, иновативниот хируршки роботски систем, дизајниран да врши роботска хирургија со минимален пристап, денеска беше презентиран во Клиничката болница Жан Митрев. Македонската стручна, медицинска јавност преку презентација на перформансите беше запознаена со најмалиот хируршки робот, кој може да извршува лапароскопски и минимално инвазивни процедури и со чие користење бенефит имаат и пациентите и хирурзите и сите медицински професионалци.

Версиус технологијата претставува дигитален интерфејс помеѓу хирургот и пациентот. Се состои од работна конзола која ја управува хирургот и 4 крака од кои во едниот е камерата, а во останатите инструментите. Сите краци/раце се модуларни и во целост ги имитираат движењата на човечката рака (рамо, лакт, рачен зглоб). Може да функционираат независно, но работат сите заедно/синхронизирано (триангулација). Роботската процедура ја намалува загубата на крв, болката по извршените оперативни зафати, како и времето за опоравување на пациентот.

Версиус служи како помошник на хирурзите во најразлични области од медицината, а најмногу во делот на урологијата, лапароскопска хистеректомија, гастроентерохепатологијата и гинекологијата, во случаи кога се користи лапароскопски или минимален пристап, каде што зафатот се изведува преку серија мали засеци во кои се вметнува опремата, нешто што е недостапно за милиони луѓе ширум светот.

Версиус е изум на британската компанија Cambridge Medical Robotics Surgical, со чија помош досега се извршени повеќе од 20 илјади процедури во повеќе од 20 држави.

Клиничката болница Жан Митрев секогаш се стреми кон усовршување на техниките на работа преку воведување и користење на најиновативни методи, следејќи ги последните чекори од новата дигитална ера во сферата на медицината, од која најголемиот бенефит го имаат пациентите.

Слични содржини