Британски научници користеле вештачка интелигенција за да го анализираат платното „Дамата на роза“ од почетокот на 16 век, за кое се верувало дека е една од многуте Мадони насликани од ренесансниот мајстор Рафаел, и откриле дека лицето на една од четири фигури ги изработил друг сликар. На сликата Марија го држи бебето Исус, од левата страна се Јосиф и малиот Јован Крстител, а на масата роза, од каде потекнува и насловот на сликата.
Платното изложено во шпанскиот музеј Прадо во Мадрид е дискутирано и претходно, а некои експерти претпоставуваа дека ученикот на Рафаел, Џулио Романо, учествувал во неговото создавање. Други веруваа дека розата и долниот дел од сликата се направени од друг уметник.
„Го обучивме компјутерот да го препознава стилот до најмалите детали“
Денес, професорот Хасан Угаил, директор на Центарот за визуелно пресметување и интелигентни системи на Универзитетот во Бредфорд, верува дека платното е навистина плод на раката на Рафаел, освен лицето на Св. Јосиф.
„Користевме слики за кои беше потврдено дека се на Рафаел за да го обучиме компјутерот да го препознава стилот до најмалите детали, од ударите на четката, палетата на бои до сенките, сите аспекти на работата“, рече тој.
„Компјутерот гледа многу подлабоко од човечкото око“
„Компјутерот гледа многу подлабоко од човечкото око, до микроскопско ниво“, објаснува Угаил.
„Кога ја тестиравме сликата della Rosa како целина, резултатите не беа задоволителни“, рече тој. „Затоа тестиравме поединечни делови и така остатокот од сликата беше потврдено дека е на Рафаел, а лицето на Јосиф се покажа дека е единственото што веројатно тој не го изработил“.
Алгоритмот на вештачка интелигенција е развиен од Угаил, кој тврди дека алгоритмот може да ја препознае автентичноста на работата на Рафаел со 98 отсто точност.