Денес со приложување на нови докази, во Кривичниот суд продолжи рочиштето за случајот „Таргет-тврдина“.
Во рамки на денешното рочиште вештото лице, Ѕвонко Кочовски, посочи дека во моментот на ништење на системот за прислушување „Најс“ неговата вредност била 1,4 милиони евра.
Меѓудругото, одбраната реагираше дека директното испрашување на вештакот е преседан во правото, со обрзожение дека својот исказ тој го дал по предлог на судот. Ставот на обвинителството беше дека во однос на ова прашање е воспоставена судска пракса во предметот „Тенк“, и дека не станува за преседан во правото.
Одбраната на обвинетата Гордана Јанкуловска, во своите вкрстени прашања побара појаснување од вештакот Кочовски, зошто не е направена анализа на вредноста на хардверот, софтверот и лиценците на системот за прислушување.
За постсетување, во овој предмет се теретат поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.