Веста дека Гeрвала-Шварц била избркана „на клоци“ од Заев е лиферувана од влијателен косовски новинар

од Destan Jonuzi
276 прегледи

Нема никакви индиции, факти или извори дека Доника Гервала-Шварц, вицемпремиерка и министер за надворешни работи на Косово, била наводно избркана „на клоци“ од состанокот со поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, кој се одржал минатата година, на 30 јули 2021, како што објавија повеќе медиуми на албански и македонски јазик.

Инцидентот наводно се случил откако Гервала – Шварц се заканила на средбата дека „доколку Македонија не излезе од Отворен Балкан, ќе си има работа со неа“.

Од кабинетот на поранешниот премиер, Зоран Заев објаснуваат дека воопшто не станува збор за какво било бркање или напуштање на состанок, туку дека тогашниот премиер ја замолил косовската министерка да се воздржи од упатување навредливи зборови за премиерот на Албанија Рама и претседателот на Србија Вучиќ, после што министерката тоа го прифатила и состанокот продолжил во најнормален ред.

Изворот на оваа шпекулација, која не е поткрепена со ниту еден извор или факт, е албанскиот медиум, „Албаниан пост“, кој на 23 октомври објави содржина со наслов „Како беше избркана Грвала од канцеларијата на македонскиот премиер“. Во самиот текст, не се наведуваат никакви конкретни факти ниту извори за наводниот инцидент. Овој портал објави повеќе написи и цела анализа, базирани најчесто на неидентификувани извори, полни со жестоки критики но и сексистички квалификации на сметка на косовската вицепремиерка.

Батон Хаџиу

Батон Хаџиу

Генерален директор на овој онлајн медиум е новинарот со големо влијание во Косово и Албанија, Батон Хаџиу. Хаџиу е еден од најголемите противници на движењето „Самоопределување“ на Албин Курти, додека важи за близок до сегашниот премиер на Албанија, Еди Рама и поранешниот премиер на Косово, Хашим Тачи. По падот од власт во Косово на Демократската партија на Хашим Тачи, Батон Хаџиу од Косово својата професионална кариера ја продолжува во Албанија, каде што го отвора и води порталот „Албаниан пост“. Во меѓувреме, додека работеше во Косово, тој беше директор на телевизијата „Кланкосова“. Хаџиу е познат и по своите цврсти ставови во телевизиските дебати против поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, додека во однос на актуелната влада на Косово води медиумска битка против владењето на актуелниот премиер Албин Курти.

Слични содржини