Силните ветрови, кои достигнаа 108 км/ч, предизвикаа значителни проблеми во северна Грција и регионот на Централна Македонија, а противпожарната служба е во состојба на зголемена готовност од неделата, објавија локалните медиуми.
До вчера, до 23:30 часот, противпожарната служба добила 710 пријави за паднати дрвја и разни предмети, при што поголемиот дел од инцидентите се регистрирани во областа на Солун. Во самиот град, пожарникарите интервенираа во 141 случај на паднати дрвја и 55 случаи на отстранување на опасни предмети, вклучувајќи тенди, огради и стаклени конструкции откорнати од силните ветрови.
Според податоците од Националната опсерваторија во Атина (meteo.gr), најсилниот налет на ветер е измерен во Солун во неделата, со брзина која достигна 108 км/ч. Високи вредности се пријавени и во други региони на Централна Македонија.
Во моментов нема пријави за жртви, а надлежните служби продолжуваат да ја следат ситуацијата.