Ви „гние мозокот“ гледајќи лоша содржина на интернет? Сега има термин за тоа

од Vladimir Zorba
12 прегледи

Дали поминувате часови „скролајќи“ низ содржините на Instagram и TikTok?Ако е така, можеби страдате од гниење на мозокот (brain rot), што е збор на годината во Оксфордскиот речник.

Тоа е термин кој претставува загриженост за влијанието на прекумерната употреба на неквалитетни онлајн содржини, особено на социјалните мрежи.

Фреквенцијата на употреба на зборот се зголемила за 230 проценти од 2023 до 2024 година.

„Популарноста на зборот е симптом на времето во кое живееме“, вели Ендрју Пржибилски, психолог и професор на Универзитетот Оксфорд.

Гниење на мозокот победи пет други зборови од потесниот круг, како што се воздржаност, романса и динамично одредување на цена.

Што е brain rot?

Гниењето на мозокот (brain rot) се дефинира како влошување на менталната или интелектуалната состојба на луѓето, особено поради прекумерна употреба на тривијални или незадолжителни содржини.

Првата употреба на терминот „гниење на мозокот“ датира многу пред Интернетот – напишана е во 1854 година во книгата „Валден“ од Хенри Дејвид Торо.

Тој ја критикува тенденцијата на општеството да ги потценува сложените идеи и дека тоа е дел од општиот пад на менталниот и интелектуалниот напор.

„Додека Англија се обидува да се ослободи од гниењето на компирот, зарем никој нема да се обиде да го излечи гниењето на мозокот, кое е многу пораспространето и фатално“, се прашува Торо.

Зборот првично се здоби со популарност на социјалните мрежи меѓу Gen Z и Alpha, но сега се користи за опишување на неквалитетни и безвредни содржини на социјалните мрежи.

„Нема докази дека гниењето на мозокот е вистинска работа. Наместо тоа, го опишува нашето незадоволство од онлајн светот и е збор што можеме да го користиме за да ги групираме нашите грижи за социјалните мрежи“, рече професорот Пржибилски.

Каспер Гратвол, претседател на издавачката куќа „Oxford Languages“, гледајќи наназад на зборовите на годината во последните две децении, вели дека може да се види зголемената опсесија на општеството со тоа како се развива нашиот виртуелен живот и како интернет културата продира во толку многу кои сме и за што зборуваме.

„Минатогодишниот победнички збор rizz беше интересен пример за тоа како јазикот се повеќе се формира, обликува и се споделува во заедниците.

„Гниењето на мозокот укажува на една од согледаните опасности од виртуелниот живот и како го користиме слободното време“, вели тој.

Зборот rizz во англискиот сленг опишува шарм и привлечност и најмногу го користат младите.

Кои други зборови влегоа во потесниот избор?

Demure (придавка): За личност: резервиран или воздржан во изгледот или однесувањето. За облеката: ненаметлива, скромна или не премногу откривачка.

Dynamic pricing (именка): Практика на менување на цената на производот или услугата за да ги одрази променливите пазарни услови; особено наплаќање повисока цена во време на поголема побарувачка.

Lore (именка): Збирка на (наводни) факти, информации и анегдоти за некого или нешто што се неопходни за целосно разбирање и информирање за одредена тема.

Romantasy (именка): жанр на фикција што комбинира елементи на романтична фикција и фантазија, обично со теми на магија, натприродно или авантура, со централна романтична приказна.

Slop (именка): уметност, пишување или друга содржина генерирана од вештачка интелигенција, споделена и дистрибуирана на неселективен или наметлив начин и се карактеризира со низок квалитет, неавтентичност или неточност.

Слични содржини