Американскиот амбасадор, Џес Бејли прашан да го оцени судскиот систем во Македонија, воопшто не се воздржа и почна да се смее, пренесе Алсат-М.
Што мислите за судскиот систем во Македонија – беше новинарското прашање поради кое Бејли се насмеа.
Бејли не сакаше да го коментира капацитетот на судството за водење на случаите „Пуч“ и бомбите на Заев, но ја потенцираше важноста од непристрасен, транспарентен и независен судски систем, токму во вакво време кога земјата се соочува со ваква ситуација. Тој го потенцираше отсуството на доверба на граѓаните кон судството.
„Довербата на општеството во Македонија кон судскиот систем е елемент за којшто треба да одлучат самите граѓани на Македонија. Ние сме тука за да помогнеме во зголемувањето на довербата; јас не сакам да судам дали системот е способен да се соочи со овој случај или некој друг случај, но предизвиците со коишто Македонија се соочува покажуваат дека е многу важно да се има непристрасен, транспарентен, независен судски процес. Знам дека тоа го сакаат граѓаните и секој граѓанин каде и да е, го посакува тоа… а ние сме тука за да помогнеме околу тоа прашање“, рече Џес Бејли, Амбасадор на САД во Македонија.
Тој, во изјавата по обраќањето пред учесниците на обуката за примена на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната, потенцира дека клучна компонента на секој правосуден систем е довербата која ја ужива кај граѓаните. Според резултатите од анкетата од минатиот септември, додава, довербата на граѓаните во македонското судство е ниска, со оглед дека две третини од нив изјавиле дека немаат доверба во судството.
