Со доаѓањето на нејзино чело на Горан Миленков буџетот на комисијата порасна од 352.000 евра во 2014 година, на 520.000 евра во 2016. Бројот на вработени порасна од 24 во 2014, на 31 во 2016 година. Сепак, во 2015 година овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата поднел само 1 пријава. Тоа е најмалку во регионот.
Откако Собранието во 2002 година го изгласа Законот за спречување на корупцијата, во земјата беше формирана специјална комисија со широк опсег на надлежности за борба против овој негативен феномен – Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Во тоа време, кога корупцијата стана најголема опасност за демократијата, ова комисија вроди надеж кај граѓаните дека конечно од некаде ќе се почне со расчистување со ова општествено зло.
Д-р Слаѓана Тасева беше избрана за прв претседател на ДКСК. Таа вели дека на самиот почеток комисијата служела како модел за другите земји.
„Да не заборавиме, тоа беше една од првите антикорупциски институции во регионот и пошироко. Служевме како модел. Јас знам дека ја претставував моделот и начинот на работење Антикорупциската комисија во Советот на Европа, каде се создадоа основните принципи за тоа што треба да биде исполнето за да постои една успешна Аnтикорупциска институција“, изјави Тасева.
14 години подоцна ова Комисија како да ја изгуби смислата на постоењето. Дали од тело за борба против корупцијата се претвори во нејзин нем наблудувач?
ТАЈНОСТА ОДИ ЗАЕДНО СО КОРУПЦИЈАТА
Со емотивен и убедувачки говор поранешниот претседател на Антикорупциската комисија и сегашен нејзин член Горан Миленков, се обиде да ја забошоти имотната состојба на екс премиерот Никола Груевски. Наместо да испита од каде се парите на сметките на Груевски и становите на неговата мајка, тој реши да ги обезхрабри новинарите во нивната намера за барање на транспарентност и отчетност од институциите.
Во последните години активноста на антикорупционерите бележи постојан пад. Освен некои маргинални случаи на конфликт на интерерси, антикорупционерите не успееја да покренат инициативи за покрупни коруптивни случаи.
„Односот на Комисијата кон актуелната власт кој денес е повеќе од сервилен. Тие не само што не ја контролираат власта, туку и одработуваат за нејзе, што е уште полошо“, велиДраган Малиновски, член на првиот состав на ДКСК.
Побаравме изјава од поранешниот и сегашниот претседател на Државната комисија за спречување на корупција, но тие не беа достапни. Наместо транспаретноста, молкот и тајноста продолжува да биде нивен начин за функционирање.
Тасева вели дека тајноста не оди заедно со борбата против корупцијата. „Тајноста оди заедно со корупцијата. Тајноста му погодува она што се сака да се прикрие. Кога го изучував организираниот криминал во крајот на 90-тите, правилото на Омерта, односно забрана на говор важеше за правило кое најмногу и користи на мафијата“
Иако ефикасноста постојано им паѓаше, буџет на комисијата постепено се зголемуваше. Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, користејќи го законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, дојде до документи кои говорат дека буџетот на Антикорупциската комисија ја надмина цифрата од половина милион евра народни пари.
МНОГУ ПАРИ, МАЛКУ РЕЗУЛТАТИ
Со доаѓањето на нејзино чело на Горан Миленков буџетот на комисијата порасна од 352.000 евра во 2014 година, на 520.000 евра во 2016. Бројот на вработени порасна од 24 во 2014, на 31 во 2016 година.
Миленков за нецела година примил скоро 12.500 евра од буџетот на РМ да се бори против корупцијата.
Сегашниот претседател Игор Тантуровски примил скоро 12.000 евра, Жаклина Дамчевска 11.200, Сузана Таскова Аџикоторчева 10.800 и Најдо Спасевски 11.300 евра. Најмногу плати и патни трошоци од нив примиле Фарије Алиу 17.600 евра и Сејди Халили 14.200 евра за нецела година.
Додека екс-претседателот на комисијата Миленков не одговараше на нашите повици за да се изјасни за работата на ова тело, неговите бивши колеги велат дека тој ја претвори комисијата во заштитник на корупцијата.
„Ставаат такви оради, такви заштити на се она што е контраверзно и очигледно незаконско однесување да тоа се претвара во антипод, спротивно на Антиорупциска комисија, тоа се претвори во корупциска комисија. Комисија која штити корупција, наместо Комисија која се бори против корупцијата“, вели Тасева.
„Факт е дека изминатиов период со своето однесување Антикорупциската комисија е соучесник во многуте девијантни дејствија во Република Македонија“, вели Малиновски.
Откако е поставен на функција во 2015 година овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата поднел само 1 пријава. Тоа е најмалку во регионот. За заостанувањето на борбата против корупцијата во Македонија покажуваат и примерите со земјите во регионот.
Српската агенција за борба против корупцијата поднела 183 пријави, Бугарската 116, Хрватскиот уред за спречување на корупцијата поднел 458 пријави и Црногорската комисија поднела 89 пријави.
„Македонската е вопсоставена во 2002 година, Словенечката е воспоставена во 2003 година, Српската е воспоставена во 2010 година, дури во 2011 започна ефективно да работи. Периодот на раното постоење на нашата Антикорупциска комисија, таа беше лидер во Југоисточна Европа по успешност“, вели Тасева.
За лошата работа на Државната комисија за спречување на корупцијата говори и во последниот извештај на Европската Унија за напредокот на Македонија во кој се наведува:„Во претходната година нема постигнато напредок во однос на идентификуваните нерешени проблеми. Корупцијата останува широко распространета. При решавање на недостатоците истакнати подолу, земјата треба да посвети внимание и да покаже политичка волја во борбата против корупцијата во форма на автономни и ефективни мерки преку телата за спроведување на законот и надзорните тела, особено Државната комисија за спречување на корупцијата.“
И додека платените членови на Државната комисија за спречување на корупцијата ги штитат од јавноста имотите на функционерите, земјава се повеќе се дави во корупција.
(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)


