Американскиот претседател Џозеф Бајден го прекина молкот и проговори за зголемениот број мистериозни летала кои се појавија на небото над три држави во САД.
Бајден нагласи дека „нема причина за вознемиреност“ поради овие летала, објави Би-Би-Си.
„Нема ништо злобно, колку што е засега познато, но сè се проверува темелно“, изјави Бајден за новинарите во Белата куќа.
Изјавата на Бајден доаѓа додека многу пратеници, заедно со загрижените граѓани, почнаа да бараат одговори од федералната влада за потеклото на пријавените беспилотни летала.
„Внимателно ја следиме ситуацијата, но засега нема причина за загриженост. Има многу дронови кои имаат дозвола да летаат во областа. Мислам дека еден почна, а потоа сите сакаа да учествуваат“, истакна Бајден.
Во Њу Џерси и во неколку соседни држави во последниве недели, понекогаш во близина на воени бази, беа забележани овие летала. Овој феномен поттикна бројни теории на заговор за можна странска вмешаност.
Властите не дадоа многу конкретни одговори, освен што кажаа дека не станува збор секогаш за дронови и дека не веруваат дека постои закана за националната безбедност или дека се вмешани странски сили.
Во изминатите неколку дена, дојде до привремено затворање на меѓународниот аеродром „Стјуарт“ во Њујорк и воздухопловната база „Патерсон“ во Охајо.