Бродот „Опен армс“ натоварен со околу 200 тони храна и друга хуманитарна помош исплови утринава од Кипар кон Газа, каде што гладот се влошува 5 месеци по војната, соопшти меѓународната хуманитарна организација која стои зад напорите, пренесува „Франс24“.
Пратката е тест за отворањето поморски хуманитарен коридор за снабдување со помош на територијата на која гладот се влошува поради војната меѓу Израел и Хамас.
Хуманитарната организација World Food Kitchen основана од славниот готвач Хозе Андрес, објави на платформата „X“ дека бродот испловил од кипарскиот пристанишен град Ларнака.
WCK-provided aid has set sail for Gaza on the @openarms_fund boat. We dispatched almost 200 tons of food—rice, flour, legumes, canned veggies & proteins. Alongside the @UAEAid & @CyprusMFA, our Relief Team is working to send as many aid boats as possible.#ChefsForThePeople pic.twitter.com/oypXF8WbDH
— World Central Kitchen (@WCKitchen) March 12, 2024
САД одделно ги објавија плановите за изградба на мост во близина на Појасот Газа со цел да се достави помош, но најверојатно ќе поминат неколку недели пред тој да биде оперативен.
Во петмесечната војна предизвикана од нападот на Хамас на Израел на 7 октомври досега загинаа повеќе од 30.000 Палестинци, а околу 80 отсто од 2,3 милиони жители на Газа се протерани од своите домови. Во нападот што ја предизвика војната загинаа околу 1.200 луѓе, а милитантите зеле околу 250 како заложници.
Според податоците на ОН, една четвртина од населението во Газа гладува.
Хуманитарните групи велат дека е речиси невозможно да се достави помош на голем дел од енклавата поради израелските ограничувања, тековните непријателства и нарушувањето на законот и редот откако полициските сили управувани под контрола на Хамас во голема мера исчезнаа од улиците.
Нејасно е колку ефективни ќе бидат испораките по морски пат во справувањето со хуманитарната катастрофа бидејќи ќе има потешкотии во испораката на помошта и по нејзиното пристигнување во Газа.