(ВИДЕО) Цароска: Нема пари за најсиромашните

од Vladimir Zorba
86 прегледи

Доколку во Македонија висината на социјалната помош беше на ниво кое ќе обезбеди соодветен живот на граѓаните кои имаат потреба од неа и доколку Македонија како голем дел од европските држави воведеше Минимален адекватен приход немаше во континуитет една третина од Македонците да живеат во сиромаштија и да гладуваат. Минималниот адекватен приход или моменталната социјална парична помош треба да изнесува минимум 5.600 денари за самечко домаќинство или 11.760 за четиричлено семејство и тоа го објавува и Државниот завод за статистика. Доколку го доведеме нивото на Социјалната парична помош на ова ниво, граѓаните кои имаат потреба од финансиска поддршка од страна на државата ќе ги извлечеме надвор од сиромаштијата и тешката состојба во којашто тие секојдневно се борат за парче леб, изјави денеска Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

Таа вели дека моментално, социјалната парична помош за едно лице изнесува 2.451 денар, а за четиричлено семејство е 5.173 денари, што е за два пати пониска од потребното ниво за излез од сиромаштија.

– Она што пострашно од ова е што оваа најранлива категорија социјално загрозени граѓани не ја прима редовно ни оваа минимална социјалната парична помош што им е гарантирана по закон. Според постојаните информации што ги добиваме од граѓаните, доцни исплатата на социјална парична помош родителски додаток за трето дете, додаток за помош и нега на друго лице и субвенција за енергетска сиромаштија. Министерството за труд и социјална политика е должно да одговори колку месеци не испатиле социјална помош и зошто. Јасно е дека Буџетот на Македонија е празен поради што социјалните трансфери не се исплаќаат повеќе месеци. За да си помогне, Министерството за труд и социјална политика смисли криминален начин како во февруари ќе скрати голем број корисници на социјални трансфери. Сега, дури парите кои им стигнуваат на граѓаните преку брз трансфер, од надвор, како поклон или помош за лекови или операција до којашто секако во Македонија тешко се стигнува, власта ќе го третира како приход, иако тие пари не се континуиран приход ниту пак се пари остварени од дејност. Ова го покажува вистинското лице на власта на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ коишто ги интересираат сиромашните граѓани само пред избори – нагласи Царовска.