(ВИДЕО) Еруптира вулкан, има загинати: Исфрлаше лава до два километри во височина

од Илинка Илиоска
23 прегледи

Вулканот Лаки-Лаки, кој се наоѓа на островот Флорес, еруптираше во недела, по локално време во 23:57 часот, исфрлајќи огненоцрвена лава, вулканска пепел и жешко камење до висина од 2.000 метри.

Властите во Индонезија го подигнаа статусот на вулканот на највисоко ниво, поради што беа евакуирани жителите на неколку блиски села, соопштија денеска официјални лица, пренесува Ројтерс.

– По ерупцијата дојде и до прекин на струја. Потоа започна да паѓа дожд, проследен со силни молњи, што предизвика голема паника меѓу луѓето кои се наоѓаат во близина на вулканот – изјави денеска портпаролот на Центарот за вулканологија, Хади Вијаија.

Погодени четири блиски села

Ерупцијата на овој вулкан погоди четири блиски села чии жители беа евакуирани, но, според објавите, десет лица го загубија животот, пренесува Анса.

Огнената лава и жешкото камење ги погодија селата кои се наоѓаат на растојание до седум километри од кратерот, а меѓу другото, изгоре и еден католички манастир.

Најблиските села до планината Левотоби се целосно покриени со вулканска пепел, а властите подоцна решија да ги евакуираат и жителите на селата кои се оддалечени десет и повеќе километри од центарот на ерупцијата.

Претходеле ерупции и на низа други вулкани

Индонезија се наоѓа на таканаречениот пацифички огнен прстен, регион со висока сеизмичка активност на повеќе тектонски плочи.

Најновата ерупција следеше по ерупциите на низа други активирани вулкани во Индонезија.

Во мај, поради ерупцијата на вулканот на оддалечениот остров Халмахера на планината Ибу, беа евакуирани луѓе од седум села.

Вулканот Руанг на северниот Сулавеси, исто така, еруптираше во мај, кога властите евакуираа повеќе од 12.000 лица од таа област.

Слични содржини