Генералот во пензија Илија Николовски, кој во 2001 командандувал со Вториот армиски корпус, вели дека овој инцидент и конфликт нема да успее:
„Не може да се каже дека постојат услови овој инцидент и конфликт да успее. Нема да успее затоа што стратегиски интерес на Албанците и во Македонија, во Косово и пошироко, е да има мир и стабилност во регионот, да не бидат тие дежурни виновници за стабилноста. Напротив – нивен стратегиски интерес е Косово и сите други делови да бидат мирни и стабилни“, оцени Николовски во изјава за телевизијата Канал 5.
Николовски смета дека вооружената група од Куманово се платеници и дека на организаторот на оваа криза работите му излегле од конрола:
„Во оваа тешка економска криза во регионот, кога има платеници кои одат во Сирија и Авганистан и други земји, многу полесно е да дојдат да дејствуваат и во Македонија за одредена сума и потоа да се повлечат. Не знам кој е организаторот и кој ја контролира оваа криза, но имам чувство дека организаторот некои работи не ги предвидел и дека работите му излегле од контрола. Не сакам ни да помислам дека некој ја провалил полициската акција, но според бројот на жртвите кои се најавуваат, сакам да го изразам моето жалење дека некој полицајците ги изложил како живо месо“, изјави Николовски синоќа за Канал5.
