Израелците застанаа во двоминутен молк на завивањето на сирените во спомен на шестте милиони Евреи кои беа убиени во нацистичкиот Холокауст во текот на Втората светска војна, пренесоа американските медиуми.

Денешниот Ден на споменот е еден од најтажните датуми во одбележувањето на поновата историја на Израел.
Додека сирените завиваа, автомобили и автобуси застануваа на автопатиштата, моторџиите слегуваа и застануваа до своите мотори, а пешаците во спомен на загинатите Евреи застануваа со наведнати глави на местата каде што се затекнаа.
Церемонии во спомен на жртвите од Холокаустот имаше низ целата земја.
Радиостаниците пуштаа меланхолична музика и интервјуа со преживеани лица од Холокаустот, а телевизиите емитуваа документални филмови за геноцидот.
Денот на споменот почна уште синоќа на зајдисенце и ќе трае до вечер пред стемнување. Со свирежот на сирените во 10 часот по локално време (7,00 часот по Гринич) почнаа официјалните церемонии на полагање венци во меморијалниот комплекс за жртвите од Холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим, посочува ДПА./МИА