Рускиот претседател Владимир Путин им вети на Русите дека нема да попушти во преговорите за ставање крај на војната.
Обраќајќи им се на вдовиците и мајките на убиените руски војници, тој рече: „Мораме да постигнеме верзија на мир што ни одговара и ќе обезбеди мир за нашата земја на долг рок“.
„Ние не сакаме ништо што им припаѓа на другите, но нема да се откажеме од ништо што ни припаѓа. Ни треба опција што ќе обезбеди стабилен развој на нашата земја во услови на мир и безбедност“, додаде тој.
„Некои луѓе не можат да се смират“
На забелешката на мајката на убиениот војник дека Русија „не треба никому да попушти“, Путин одговори: „Ние нема да го направиме тоа“.
Се чини дека рускиот претседател се осврна и на синоќешното телевизиско обраќање на францускиот претседател Емануел Макрон.
„Некои не можат да се смират. Сè уште има луѓе кои сакаат да се вратат во времето на Наполеон, заборавајќи дека тие времиња се завршени“, рече Путин.