(ВИДЕО) Најмалку 144 лица загинаа во Мјанмар; Проценката за реалниот број на жртви е многу поголема

од Milan1
36 прегледи

Повеќе од 140 луѓе загинаа во силниот земјотрес во Мјанмар, ги објавија најновите податоци државните медиуми.

Земјотресот беше силно почувствуван во Тајланд, каде спасувачите во главниот град Бангкок трагаат по жртвите од уривањето на кулата во изградба. Најмалку девет лица загинаа, а 117 се водат како исчезнати, според спасувачите.

Мјанмарската државна телевизија МРТВ објави дека во земјотресот во Мјанмар загинале најмалку 144 лица, а 732 се повредени.

Американската влада проценува дека врз основа на јачината и длабочината на земјотресот, може да има илјадници смртни случаи.

Регионите Сагаинг и Меиктила беа најтешко погодени.

„Населението во овие региони генерално живее во градби кои се ранливи на земјотреси, иако постојат и отпорни структури“, се наведува во анализата на американската влада.

„Веројатни се голем број жртви и голема материјална штета, а катастрофата најверојатно ќе биде од големи размери“, се вели во соопштението.

Земјотресот, според Геолошкиот институт на САД (USGS), бил со јачина од 7,7 степени и се случил на длабочина од 10 километри. Епицентарот на земјотресот бил на 17 километри од Мандалеј.

Мјанмарската хунта прогласи вонредна состојба во шест региони поради големите штети и ја повика меѓународната заедница итно да испрати помош. Владата во сенка на Мјанмар побара и меѓународна помош.

Освен во Тајланд, земјотресот се почувствувал и во Кина. Кинеската новинска агенција Ксинхуа јави дека силни потреси биле почувствувани во југозападната кинеска провинција Јунан, која граничи со Мјанмар, но дека нема жртви.

Лошата инфраструктура, несоодветните здравствени услуги, особено во руралните средини и неконтролираниот урбан развој го направија населението во населените места особено ранливо на природни катастрофи, велат експертите.

Слични содржини