Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан не им испратил ново писмо на политичките лидери во Македонија, изјави денеска портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
Таа посочи дека дека комесарот и тројцата европски пратеници кои се вклучени како медијатори во кризата остануваат на кажаното во претходно објавената изјава и очекуваат од неа да се влечат поенти за натамошни контакти меѓу партиските лидери.
– Нема писмо и не можам да претставам никаква супстанца од него, бидејќи не постои. Но, она што постои се елементи кои се искажани во детали во изјавата што беше објавена пред неколку дена и тоа ја претставува нашата позиција и нашиот пристап, истакна Коцијанчиќ.
Тогаш четворицата европски претставници во заедничката изјава напишаа дека актуелните проблеми со владеењето на правото во Скопје кои го поткопуваат Договорот мора да бидат решени без натамошно одложување.
Д-р Тони Дескоски: Заканата за санкции кон Македонија е реална!
‘Тоа особено се однесува на претседателската амнестија и чекорите кои треба под итно да се преземат во подготовката на веродостојни избори кои би можеле да бидат признаени од меѓународната заедница“, пишаа тогаш Хан и европратениците.
„Сите остануваме силно приврзани и на располагање за поддршка на партиите. Сепак, потенцираме дека одговорноста за обезбедување на демократски напредок како и напредок на евро-атлантскиот пат останува на самите партии, од името на граѓаните на нивната земја. Сега е редот на нив да испорачаат и да го дефинираат патот напред“, се наведе во изјавата.
„Повеќе пати рековме дека прекршувањето на Договорот од Пржино ќе има многу сериозни последици за земјата. Длабоко жалиме поради ретроградните чекори кои ја оддалечуваат земјата од нејзините аспирации кон влез во ЕУ“.- посочија четворицата странски претставници.