(ВИДЕО) Николов: Ставрески си замина, останува зарибаниот економски мотор на Владата

од desk3
125 прегледи

Претседателот на Владата Емил Димитриев денеска од собраниската говорница упати јавна благодарноста до вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески за неговиот ангажман во Владата на Република Македонија во изминатите години и му посака натамошен успех во сите полиња. Димитриев ги образложи причините за неговиот предлог нов министер за финансии да биде Кирил Миноски откако вчера од здравствени причини беше објавена оставката на Ставрески.

– Владата, и покрај контекстот на политичката состојба и предизвиците кои таа ги носи, е максимално посветена на реализација на една обемна и комплексна програма која има добиено огромна поддршка од граѓаните на минатите избори и која изобилува со квалитетни програмски и проектни решенија кои обезбедуваат корист за секој еден граѓанин на нашата држава. Основен двигател на оваа програма е економската програма и реализација на економските политики кои досега се реализираат со значителен квалитет за што сведочат и постигнатите резултати кои се верифицирани и на меѓуанродно ниво, рече премиерот Димитриев. Во континуитет, додаде тој, се работи на реализација на реформите за унапредување на животните стандарди и за реализација на европската и евроатлантската агенда, стратешка определба на нашата Влада.

sobranie-860x680

Осврнувајќи се на работата на вицепремиерот и министер за финансии Ставрески, кој поднесе оставка од здравствени причини, рече дека тој е со својот личен пример покажал на дело како се сака Република Македонија. Потсети дека тој во 2006 година решил да ја напушти неговата позиција во Светската банка во Вашингтон и одлично платената работа во САД и да се врати во Македонија и директно да помогне на економскиот раст и развој на македонската економија.

– Овој пример говори многу за чувството на патриотизам на Зоран Ставрески, за неговата лојалност кон државата кога тоа е најпотребно и за негова желба за градење на просперитетна и економска силна Македонија, рече Димитриев и го окарактеризира како човек со исклучителна стручност и знаење кој секогаш максимално посветено и енергично пристапува кон работите.

– Со својот личен и професионален ангажман на клучни позиции во Владата на РМ, Зоран Ставрески изминатите десет години даде огромен личен влог во развојот на македонската економија, во испишување на нови стандарди и прицнипи во македонската политика и во спроведувањето на бројни реформски процеси во државата. Постигнатите резултати во полето на економијата се пример за успех на економијата и финансискиот скетор не само во Република Македонија, туку и на европско и светско ниво, рече Димитриев.

За Кирил Миноски, кој е доктор на науки, рече дека е личност кој согласно својата компетентност и богато искуство од областа на финансиите, инвестициите и човечките ресурси располага со соодветен капацитет да ја извршува оваа исклучително значајна и одговорна функција. Во 17-годишното професионално искуство има работено на голем број различни позиции како во приватниот, така и во јавниот сектор. Бил директно вклучен во реализација на поголем број проекти од областа на финансиите, платниот систем, банкарскиот систем, подобрување на конкуретноста на малите и средните компании, пазарот на трудот, подобрување извозните капацитети, директно или индиректно се поврзани со работата и функционирањето на Министерството за финансии и кои претставуваат области од особен интерес во рамките на економските стратешки приоритети за работа на Владата на Република Македонија.

Покрај ангажманите во приватниот сектор, во УСАИД и во други организации, Миноски бил директор на Државниот пазарен инспекторат и директор на Управата за јавни приходи.

– Во овие две институции покажа одлични резултати. Во текот на неговото раководење се покажа како успешен менаџер, кој со својата стручност и посветеност икслучиво позитивно влијаеше за реализација на поголем број на проекти во овие институции и дополнително подобрување на аспектите за подобра и поефикасна функционалност на овие две институции, рече Димитриев.

– Уверен сум дека тој со своето искуство со силната посветеност и многу работа успешно ќе го раководи Министерството, дека успешно ќе се вклопи во работата на Владата и во економскиот тим на Владата на РМ, рече премиерот.

Пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ рече дека со заминувањето на Ставрески, Владата го губи економскиот мотор и оти тешко дека ќе успее да го надополни тоа.

Од името на опозицијата тој од Димитриев и од новиот министер за финансии побара Владата да троши повеќе пари за граѓаните, да се зголеми нивото на транспаретност во однос на трошењето и побара информација за тоа каква е моменталната состојба во државната каса што ќе ја наследи новиот министер за финансии.

– Првото барање е да трошите помалку за чоколадо, повеќе за леб. Граѓаните ни се гладни и сиромашни, бараат подобар животен стандард. Во изминатите 10 години малку им дадовте на граѓаните. Од околу 25 милијарди евра што се потрошени претпоставка е дека само околу 20 проценти биле за граѓаните, рече Николов.

Второто барање на опозицијата е да се зголеми нивото на транспарентност на трошење на парите. Стопанството, според Николов, не знае зошто се трошат нивните пари.

Од премиерот побара и информација колку и за што ќе бидат потрошени парите од новата еврообврзница. Бидејќи е најавен нов ребаланс, како што рече Николов, побара значително скратување на стапките за економска промоција, за патни трошоци… Според него, јавниот долг на Македонија е на историско највисоко ниво од 35 % од Бруто домашниот производ.

Ние сме свесни сме дека Република Македонија губи од функцијата министер за финансии – значаен столб на економската политика, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски изрази уверување дека новиот предложен министер ќе продолжи по неговите патеки.

– Мора да дадете признание за намалените придонеси, за намалениот данок на приход и намалениот данок на добивка, за намалениот ДДВ за десетици категории на производи кои во ваше време се оданочуваа по повисока даночна стапка. Мора да дадете признание за намалување на огромен број давачки по однос на царинските тарифи за увоз и извоз од РМ, реплицираше Димовски.

Според него, опозицијата сака да го изврти и да не го соопшти фактот за зголемување на бруто домашниот производ во Република Македонија, што во времето кога на власт била СДСМ изнесувал 2.471 долар, а денес изнесува 4.392 долари.

– Ако имате дилема каде се потрошени парите јас само би сакал да ве потсетам дека Владата на РМ министер беше Ставрески направи многу поголема отплата на стари долгови отколку што доби нови долгови, истакна Димовски.

Пратениците од владејачкото мнозинство истакнаа дека Ставрески е пофален од граѓаните, почитуван од бизнис – секторот во Македонија и од сите меѓународни институции.

Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека новиот министер ќе наследи една добра основа, стабилна економија со еден од најголемите растови во Европа, странски инвестиции, висок раст на индустриско производство, голем број на реализирани проекти…

Претходно Собранието ја констатира оставката на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески./МИА