Видео од Facebook веќе ќе може да се вградува во други сајтови, слично на клипови од YouTube и мноштво на други видео портали.
Социјалната мрежа ја претстави новата функција за време на својата конференција F8. Функцијата веќе е достапна за корисниците. Условот е видеото да е прикачено во самата социјална мрежа, а не да се сподели само линк кон него, кој води на друго место. Процесот на вградување е идентичен како на сите останати видео портали. Корисникот треба да кликне на менито кон видеото и да избере Embed this Video. Ќе добие HTML код кој треба да се копира во публикацијата на блог или сајт.
Новата функција се чекаше подолго време, особено откако Facebook почна сè повеќе и повеќе да се претвора во конкурент на YouTube. Социјалната мрежа го подобри вградениот видеоплеер, го додаде бројот на прегледи, го подобри квалитетот на видеото. За време на конференцијата F8 основачот на Facebook Марк Зукерберг посочи дека видеото ќе стане сé поголем фокус на социјалната мрежа. Тој најави дека пред пет години главниот сообраќај на Facebook бил генериран од текст, денес – од фотографии, а очекува по пет години видеото да стане омилено средство за комуникација и споделување помеѓу корисниците.