Меѓународните набљудувачи на ОБСЕ, ОДИХР уште не обезбедиле пари за мониторинг на предвремените избори закажани за 11 декември, пренесува Телма.

Во моментов интензивно се обидуваат да ги обезбедат потребните финансии од земјите членки на ОБСЕ, но одлагањето на изборите од 5 јуни, како и организирање на избори во уште неколку земји оваа есен, ги стави на мака меѓународните набљудувачи два и пол месеци пред изборите во Македонија. Портпаролот на ОДИХР во седиштето на организацијата во Варшава, за Телма потврди дека имаат проблем.
Очигледно е тешко за нас, за имплементирање на мисијата затоа што беа додадени и уште неколку други избори на календарот за оваа година. Имаме проблем со финансирањето и барање дополнителна помош од земјите членки за да се исполнат овие очекувања, изјави Томас Рајмер, портпарол на ОДИХР
Македонските власти ја обновиле пред две недели поканата до ОДИХР за набљудување на изборите на 11 декември, но проблемот со финансирањето ќе влијае и на обемот на мисијата. Вообичаено во овој период тие имаат подготвен план и тајминг за распоредување на набљудувачите, но тоа сега не е случај. Во март кога ја започнаа мисијата за изборите на 5 јуни пред да бидат одложени амбициозно најавија рекорден број од 300 набљудувачи, но тие никогаш не пристигнаа затоа што изборите се одложија, но дел од финансиите веќе беа потрошени.
Не знам дали ќе бидат најмногу набљудувачи од било кога што сме испратиле во Македонија. Но може да се очекува мисијата да биде според одлуката од почетокот на годинава, додаде Рајмер.
Конечната одлука за меѓународната набљудувачката мисија во Македонија се уште не е донесена, а не се знае дали повторно ќе ја предводи норвешкиот амбасадор Јан Петерсен. Во меѓувреме во ОДИХР очекуваат да се исполнат и препораките од нивниот последен извештај во јули кои се однесуваат на избирачкиот список, редефинирање на границите на изборните единици и да се спречат заплашувањата и злоупотребите на јавната администрација. Во дипломатски кругови се шпекулира и дека земјите членки на ОБСЕ чекаат и како ќе се развива политичката ситуација во Македонија и колку е сигурно дека изборите во декември нема повторно да бидат одложени.