Возилото „мерцедес“ со хрватски регистарски таблички управувано од Хамза Лици и Арљинд Бушати било под контрола на државната полиција, по страшната престрелка што се случи денеска во центарот на Скадар.
Имено, две лица загинаа, а две се тешко повредени денеска во престрелка во Скадар во Албанија и сообраќајната несреќа што следеше, се наведува во полициското соопштение.
Жртвите биле во возило „мерцедес“ во движење, кога напаѓачите се приближиле и испукале рафали од калашникови, при што го убиле Хамза Лици, за кого полицијата соопшти дека е „познато име во светот на криминалот“, објави Албанската пошта.
Во престрелката тешко е ранет Арлинд Бушати, синот на поранешниот кандидат на Демократската партија на локалните избори Џемал Бушати.
Веднаш потоа автомобилот во кој се наоѓале Лици и Бушати удрил во мотоцикл на кој се возеле пар браќа, случајни минувачи.
Во таа прилика починала една жена, додека нејзиниот сопруг бил тешко повреден и пренесен во болница.
Изворите на новинарите на „Ора њуз“ информираат дека при претресот биле пронајдени 3 огнени оружја.
Ова оружје е испратено во полициската научна лабораторија за да се утврди дали е користено во криминални настани.
Исто така, полицијата работи на добивање отпечатоци од прсти.
На местото на настанот е пронајдена поголема количина чаури, за што полицијата ќе се врати на местото на настанот за обезбедување на други докази.
Формирана е специјална истражна група и под раководство на обвинителството интензивно продолжува истрагата за расветлување на околностите на престрелката, а на влезот и на излезот од градот се поставени барикади.
Инаку, Бушати пред неколку дена пријавил во полиција дека две лица кои не ги идентификувал му се заканувале со огнено оружје.