Почеток на нова политичка ера во Унгарија. По победата на Петeр Маѓар и Тиса, Виктор Орбан и Фидес по 16 години на власт заминуваат во опозиција. Маѓар најави дека во рамки на новото поглавје, отворено од граѓаните, по формирањето на владата, ќе почне со реформи во правосудството, медиумите и односите со Европската унија. Изборите во Унгарија се следеа со глобален интерес, а победата на Маѓар се очекува да има значително влијание врз целокупните политички случувања во Европа.
Победата на Маѓар се очекува да отвори ново поглавје во односите меѓу Брисел и Будимпешта, кои беа особено затегнати во последниот период од владеењето на Орбан. Европската унија воведе финансиски санкции, но и дневни казни за Унгарија поради одбивањето да прифати распределба на мигранти. Орбан пак, возврати со блокирање на дел од одлуките на унијата, како на пример за финансиска поддршка на Украина.
Поразот на Орбан отвори нов бран политички реакции и во Македонија. Власта и опозицијата влегоа во жестоки препукувања и меѓусебно обвинување околу надворешнополитичките сојузи. Ова повторно го враќа во фокус и политичкиот азил на екс-премиерот Никола Груевски откако Маѓар во првата изјава која ја даде за тамошните медиуми најави борба против криминалот и корупцијата но и како што рече нема да дозволи Унгарија повеќе да биде скривалиште на политички бегалци.
За дел од домашната експертска јавноста, како што велат, Македонија не е земја од посебен интерес за Унгарија. Ова го вели аналитичарот Бесим Небиу кој одреден период од својот живот го поминал токму во Унгарија. Според него, блискоста што ја гледавме изминативе години беше повеќе резултат на партиската соработка меѓу две партии, отколку на некакво длабоко стратешко партнерство.

Бесим Небиу/Фото: Принтскрин/Јутјуб
-Секако, пошироко гледано, поразот на Орбан е сериозен удар за суверенистичкиот и илиберален политички камп во Европа, каде тој беше и е една од клучните фигури.
Во таа слика, неговиот пораз е силен удар за тој камп- но Македонија е сепак мала, попатна и не многу значајна станица во таа приказна, посочува Небиу во изјава за „Локално“, додавајќи дека не очекува унгарскиот изборен резултат да има големо директно влијание врз Македонија.
Политичкиот лидер на Нова Република и аналитичар на состојбите, Ивон Величковски, пак, смета дека Европа се обновува низ силна ЕУ и дека поразот на Орбан е повеќе од партиски и личен – тоа е пораз на цел еден правец. Величковски оценува дека во овие 16 години, Фидес и Орбан тргнаа од АЛДЕ „либерали“, па преминаа во ЕПП „конзервативци” пред да завршат во корпоративен авторитаризам и официјална прегратка со Путин.
-Обидот за пресликување на унгарскиот модел во ЕУ не успеа во Полска, а тековно наидува на отпор во Словачка и Чешка. Политичко Скопје на сите „конзервативци“, „социјалдемократи“, „либералдемократи“ и „левичари“ финансирани со децении од штифтунзите“ – сега дел „молчи“, дел „слави“. Но тоа политичко Скопје не смее да признае дека реплицирањето на Орбан прекина откако првата линија на источната одбрана на ЕУ покажа политичка, безбедносна и институционална доследност на потегот Бугарија, Романија, Молдова, балтичките земји и Украина.

Ивон Величковски – Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител
Зарем случајно медиумите на македонски не ја третираа веста за излезот на Молдавија од Заедницата на Независни Држави, преку која ЗНД Русија таму стационираше своја војска 35 години наназад? Политичко Скопје на традиционалните македонски партии во Собранието мора да молчи дека Русија ги активираше своите политички проксија на европско тло во заднината на првата одбранбена линија на ЕУ (и НАТО). Затоа, падот на Орбан не е значи дека работата е завршена, тврди Величковски.
Според него, руските проксија од Бањалука преку Белград до Скопје сега се принудени да се активираат во и преку сите традиционални партии.
-Дали Брисел ќе продолжи да ги финансира со “претпристапни фондови”, а Вашингтон да ги толерира со официјални средби и пристап “give them benefit of the doubt” – останува да видиме. Но не и да толерираме, истакнува соговорникот.

Фото: Влада
На домашната политичка сцена „војна“ од соопштенија меѓу власта и опозицијата. Од СДСМ велат дека со падот на, како што го нарекуваат, режимот на Орбан во Унгарија, наскоро може да дојде до целосно откривање на сите тајни бизнис комбинации меѓу Орбан и премиерот Христијан Мицкоски.
„Скоро 40% од медиумскиот простор во Македонија е под директна контрола на луѓе на Орбан. Преку своите блиски бизнисмени (Петер Шац и Агнеш Адамик) Орбан купи и контролира огромен број медиуми кои се во служба на ВМРО и Мицкоски. Тие се пропагандна машина во Македонија… Унгарија даде милијарда евра кредити (кинески пари) на Владата на Мицкоски под „пријателски“ услови кои ќе ни ги отплаќаат нашите внуци. Овие пари доаѓаа како дел од пакетот за политичка и медиумска поддршка. Сега, кога Орбан падна, сите овие тајни договори и бизнис комбинации ќе излезат на виделина. Сите овие договори мора да бидат детално истражени…“, стои, меѓу другото, во пораките од „Бихаќка“.
На ова возвратија од најголемата владејачка партија. Порачаа лидеорт на СДСМ, Венко Филипче помалку да се грижи за избори и изборни резултати во други држави.
„Засукај ги ракавите и стави ја својата партија, на здрави нозе, ако може да се дека е твоја, бидејќи ти си таму само чувар на фотелјата. И тоа е пред се важно, бидејќи за развој на една држава потребна е здрава опозициска партија, опозициска партија која стои на свои нозе. Само така ќе помогнете во и за државата и за граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи немаат никакви тајни бизнис врски со Орбан и неговата партија и дека има официјални државни договори и соработка.
Н.П.