(ВИДЕО) Песочни дини на Сахара се претворени во езера

од Milan1
123 прегледи

Една од најсушните пустини во светот, Сахара, доживеа невидени поплави откако обилните дождови го погодија југоисточниот дел на Мароко. Ова е прв пат по децении овој пустински регион да доживее толкава количина на врнежи, претворајќи ги песочните дини во пејзаж исполнет со езера.

Во Сахара обично паѓаат само неколку сантиметри дожд годишно, а врнежите од крајот на летото се многу ретки. Сепак, на почетокот на септември систем со низок притисок ја премина северозападната Сахара, носејќи интензивни дождови кои траеја два дена. Според прелиминарните податоци на НАСА, во некои делови од регионот наврнале дури 20 сантиметри дожд.

Во пустинскиот регион Ерахидија за само два дена паднаа речиси осум сантиметри дожд, што е повеќе од четири пати повеќе од просечните врнежи за цел септември.

– Поминаа 30 до 50 години откако имавме толку многу дожд за толку кратко време рече Хусин Јуабеб од Мароканската метеоролошка агенција.

Додека поголемиот дел од дождот падна во ретко населените оддалечени области, некои паднаа во марокански градови и села, предизвикувајќи смртоносни поплави минатиот месец во кои загинаа повеќе од десетина луѓе, јавува Си-Ен-Ен. Некои од најдраматичните фотографии доаѓаат од пустинскиот град Мерзуга, каде ретка поплава издлаби нови езера во песочните дини. Дождот ги исполни и езерата кои инаку се суви, како што е едното во Националниот парк Ирики, најголемиот национален парк во Мароко.

Инаку, Сахара, која со 9,4 милиони квадратни километри е најголемата топла пустина во светот, се протега низ десетина земји во Северна, Централна и Западна Африка. Постојаните суши се проблем во многу од овие земји бидејќи екстремните временски услови се зголемуваат поради глобалното затоплување.

Слични содржини