(видео) Путин од Црвениот плоштад им ја честиташе на Русите годишнината од обединувањето на Крим со Русија

Крим не е само стратешка територија , не само нашата историја, традиција и гордост на Русија. Крим е пред се народот, истакна Путин.

од Бети Божиноска
258 прегледи

Откако постигна убедлива на претседателските избори викендов, на кои победи со 87 отст од гласовите, рускиот претседател Владимир Путин им се обрати вечерва на илјадници луѓе собрани на Црвениот плоштад во Москва, пренесува Би-би-си.

Од сцената на свечениот концерт на Црвениот плоштад, Путин им ја честиташе на Русите десетгодишнината од повторното обединување на Крим со Русија.

„Почитувани пријатели, искрено ве поздравувам и ви го честитам празникот – обединувањето на Крим и Севастопол со Русија“, рече Путин.

Тој истакна дека не станува збор само за стратешки важна територија, туку дека суштината се луѓето кои никогаш не се одделиле од Руската Федерација .

„Пред точно 10 години, овде на Црвениот плоштад, искачувајќи се на оваа сцена, се сетив дека Крим често го нарекуваат ‘непотоплив’носач на авиони, ова ми даде идеја да кажам дека Крим се врати во своето матично пристаниште. Крим не е само стратешка територија , не само нашата историја, традиција и гордост на Русија. Крим е пред се народот“, истакна Путин.

Тој нагласи дека жителите на Севастопол, Кримјаните, се гордоста на Русија, а потоа ги опиша Донбас и другите делови на Украина окупирани од руските сили како дел од „Нова Русија“.

„Никогаш не се одвојуваа од нас. Тоа е она што му овозможи Крим да се врати во нашето заедничко семејство“, додаде Путин, истакнувајќи дека инфраструктурните решенија од новите региони до татковината се покажале како потешки и потрагични, но дека успеале да ги реализираат.

„Патот меѓу Бердјанск и Мариупол е обновен, тој ќе оди до Крим и ќе стане алтернатива на  Кримскиот мост“, објасни Путин.

Тој потоа ги покани да се обратат и кандидатите за претседател на Руската Федерација.

„Јас и другите кандидати имаме различни пристапи за остварување на нашите цели, но сите имаме една татковина“, рече лидерот на Руската Федерација.

Николај Харитонов, еден од нив, рече дека Путин направил се за жителите на Крим да се вратат дома, а Леонид Суцки нагласи дека Крим и Севастопол на политичката карта на светот се засекогаш дел од големата Русија.

Путин го заврши својот говор на гала-концертот со зборовите „Да живее Русија“ и заедно со останатите кандидати ја испеа руската химна.

Слични содржини