(ВИДЕО) Робот-помошник за домашни работи

од Milan1
23 прегледи

Норвешката фирма за роботика „1-Икс“ го претстави својот нов човековиден робот, дизајниран за извршување на домашни работи, пишува „Лајф сајенс“ (Live Science).

Роботот „Нео гама“ (Neo Gamma), инаку покриен со плетен најлон – е двоножен андроид којшто може да ракува со правосмукалка, да пере и дипли алишта и да прави кафе. Во првото видео, роботот е прикажан и како служи чај, исправа рамка за слика, чисти прозорци и презема намирници, додека луѓето сопственици ручаат, читаат книга итн. Иако компанијата соопшти дека робот сѐ уште не е подготвен за продажба и поширока јавна употреба, овој нов модел е во фаза на ограничено тестирање во неколку домови.

Сѐ ова ќе им овозможи на инженерите да ги тестираат својствата на навигација, говорните команди и вештачката интелигенција на роботот.

– Не е така далечна иднината кога сите ќе имаме свој робот-помошник дома, како ‘Рози’ или ‘Бајмакс’… Човековидните роботи навистина се интегрираат во секојдневниот живот, но мора да продолжат да се развиваат заедно со луѓето, а не во изолација, рече Бернд Берних, извршен директор на „1-Икс“.

Според него, домот го обезбедува реалниот контекст и разновидноста на податоците потребни за роботот да развие интелигенција и самоуправување. Тоа, се вели, го учи и на нијансите во човековиот живот како да отвора врата за постари, внимателно движење околу домашните миленици и да се прилагоди на непредвидливоста на светот околу нив.

„Нео гама“ бил подучуван со користење податоци добиени од снимање човеково движење, што му овозможило да оди со „природно човечко одење и движење на рацете“, и со способност за наведнување и седење на стол.

Рацете на роботот имаат повеќе зглобови, еластични мотори, како и четири микрофони и вградени звучници за комуникација со луѓето. Плетениот најлон однадвор би требало да ја намали силата на можните удари и влијанија врз опкружувањето и да ја зголеми севкупната безбедност.

Слични содржини