(видео) Шапиќ: Куќата на цвеќето да стане музеј на српската историја, а Тито да се врати во Кумровец

Шапиќ и посочи дека Србите успеале да го прогласат Михаиловиќ за предавник по Втора светска војна и дека не знаат каде му е гробот затоа што комунистите му ги „растуриле коските“, додека Броз го чуваат на најубавата ледина во Белград.

од Бети Божиноска

Претседателот на привремената управа на град Белград, Александар Шапиќ, најави денеска дека ќе покрене иницијатива Куќата на цвеќето, односно Музејот на историјата на Југославија да стане музеј на српската историја,  а Јосип Броз Тито, кој почива таму, да биде вратен во Кумровец, пренесува „Политика“.

Шапиќ истакна дека во тој музеј треба да почиваат луѓето кои, како што наведе, „навистина не бранеле“ – Степа Степановиќ, Живојин Мишиќ, Радомир Путник и други.

„Тоа се луѓе на кои Европа им се восхитуваше и кои ја бранеа во Првата светска војна против Германците, кои сега сакаат да не прогласат за геноцидни“, рече Шапиќ, алудирајќи на резолуцијата за геноцидот во Сребреница, за која на предлог на Германија наскоро треба да се гласа во ОН.

Тој додаде дека секогаш кога ќе го спомене Драгољуб Михајловиќ (четнички командант од Втората светска војна н.з.), кој е, како што рече, „еден од нашите најодликувани офицери што ја бранел Србија во Балканските војни и во Првата светска војна против Австро-Унгарците и во Втората светска војна против нацистите“, на главата му скокаат „Титовите Југословени“.

„Не бранеше и од оној од кого направивме мит, од Јосип Броз, кој беше австроунгарски каплар и како таков пукаше во нас “, нагласи Шапиќ и посочи дека Србите успеале да го прогласат Михаиловиќ за предавник по Втора светска војна и дека не знаат каде му е гробот затоа што комунистите му ги „растуриле коските“, додека Броз го чуваат на најубавата ледина во Белград.

Шапиќ посочи дека Броз таму почива до ден-денес без оглед на сето зло што му го нанел на српскиот народ и како што истакна, „убивајќи го во Првата светска војна, а потоа повеќе од 35 години потиснувајќи го неговото семе на секој можен начин – национално, политички, социолошки и културолошки“.

Тој рече и дека се поставува прашањето дали Куќата на цвеќето ќе им оддаде почит на српските херои со изградба на музеј на српската историја или таму ќе го остави Јосип Броз Тито, кој, како што подвлече, е „големиот злосторник во поновата српска историја.“

Слични содржини