Сирена за тревога се огласи во северниот дел на Косовска Митровица, јавува репортерот на N1. Како што јавуваат читатели од северот на Косово, граѓаните се собираат на крстот во селото Рударе во општина Звечан.
Порталот Косев објави дека звукот на сирената бил многу интензивен, дека многу граѓани се во паника, особено луѓето со мали деца кои се нашле на улица.
Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Бесим Хоти, засега нема сознанија за нешто што се случува во северниот дел на градот, освен за сирената што тој самиот ја слуша, пренесува овој портал.
Да потсетиме, претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија никогаш не била во посложена и потешка ситуација во однос на Косово како што е денес.
Тој најави дека властите во Приштина од вечерва на полноќ планираат да ги стопираат сите што имаат српски лични карти на административните премини. Вучиќ побара од Албанците, меѓународната заедница и Србите од Косово да го зачуваат мирот.
„Ако не сакаат да го чуваат мирот, ви велам – Србија ќе победи“, рече Вучиќ.